Селекторот Игор Ангеловски ќе му биде тренер Горан Пандев во Џенова?

by Тони Зографски

Македонскиот селектор Игор Ангеловски по завршување на Европското првенство би можел да ја преземе клупата на Џенова, најави италијанскиот новинар од најугледниот спортски весник „Газета дело Спорт“, Алфредо Педула.

Како што ексклузивно посочува Педула, можно е Џенова во новата сезона да не влезе со актуелниот кормилар Давиде Балардини на клупата после брилјантниот обезбеден опстанок, а на негово место прва цел на претседателот на клубот Енрико Прециози е токму 45-годишниот Ангеловски, кој после ЕП и пет ипол години селектор на Македонија скоро извесно е дека ќе ја заврши авантурата како кормилар на црвено-жолтите.

Педула потенцира дека ангажманот на Ангеловски за тренер може да биде и обид Горан Пандев да продолжи да игра, зашто македонскиот ас најавува пензија после ЕП, но сѐ уште дефинитивно не одлучил, а веќе призна дека има „притисок“ од многумина да не се повлече од фудбалот.

„Во моментов сум фокусиран само на Европското првенство и не сакам да зборувам за други работи. За останатото – кога ќе дојде време“, му рекол Ангеловски на Педула за веста дека можно е да стане нов тренер на најстариот калчолигаш.

останати вести

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com