Наместо денеска (понеделник), како што е практика секоја седмица, Комисијата за заразни болести овој пат ќе заседава во петок, ден по муслиманскиот празник, Рамазан Бајрам, при што тогаш ќе се знае дали ќе има ново олабавување на мерките против ширење на болеста, односно дали ќе биде укинат полицискиот час, носењето на маски на отворено и забраната за организирање на свадби.
Според тоа што бројките на новозаболени од ден во ден се намалуваат, се очекува и мерките за заштита да се олабавуваат, но сеуште не е сигурно какви мерки, односно одлуки ќе бидат донесени.
И угостителите со недели веќе чекаат да можат да почнат да работат без ограничувања, а и да можат да организираат поголеми прослави, според строго утврдени протоколи.
Во моментов угостителите имаат дозвола за работа до 22 часот и 30 минути.
Инаку, колективен имунитет до крајот на летото, очекува министерот за здравство Венко Филипче. Тој, како што изјави во вчерашното интервју на Радио Слободна Европа, очекува со сите вакцини што треба да пристигнат во земјава, до крајот на летото да се постигне колективен имунитет. Министерот нагласи дека сите вакцини се безбедни и нема потреба граѓаните да преферираат една наспроти друга вакцина.