Сертификатите за примена вакцина против ковид-19 по барање може да се подигнат од матичен лекар или од вакцинален пункт, велат од Министерството за здравство за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Граѓани кои се јавиле во редакција на САКАМДАКАЖАМ.МК, велат дека при ревакцинацијата во „А1 арената Борис Трајковски“ во Скопје, на последниот пункт при заверување на потврдата за примена вакцина, медицинските лица им рекле дека за сертификат треба да се обратат кај матичните лекари, и дека за отприлика една недела ќе ги добијат.
„Министерството за здравство ќе издава потврда со кју-ер (QR) код, на македонски и англиски јазик. Сертификат ќе добијат сите граѓани кои примиле вакцина со ревакцина и имаат потреба од сертификат. Насоките за изработка на овој сертификат се од Европската мрежа за здравје (Europe Health Network) каде предвидоа дата сет на податоци кои ги содржи кодот односно тој сертификат, а тоа се – име и презиме, датум на вакцина и ревакцина, тип на вакцина и на сертификатот има дигитален печат од Министерството за здравство. Сертификатот може да се добие и како потврда, и во електронска форма, по барање на граѓанинот. Сертификатот го прилагодуваме по препораките на ЕУ, за непречено патување на нашите граѓани“.