Пратеникот и лидер на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов реагираше дека пратениците се целосно дискриминирани бидејќи министерот за здравство Венко Филипче не им оставил право на избор, што важи за останатите граѓани и остро негодуваше што тој и неговите колеги морале да се вакцинираат само со руската „Спутник В“.
-Пратениците се насочени да се вакцинираат со Спутник. Можеме да почекаме и да одложиме, но за да профункционира парламентот мора да бидеме вакцинирани, еве сите се наредивме во редот и се вакциниравме. Не може од Фејсбук да се гради политика. Ако некој напише дека пратениците се привилегирани и ќе се вакцинираат со „Фајзер“ и сега менува министерот на Спутник. Тоа е крајно катастрофална и неодговорна ситуација. Едно беше најавата, сосема друго излезе во пракса, – реагираше Трајанов откако ја прими вакцината.
Трајанов рече дека тоа е став и на другите пратеници но не смеат да го искажат откако ја примија.
-Сите се практично вознемирени бидејќи испадна класична замена, да не кажам превара, – нагласува Трајанов кој е скептичен дека со доцнењето и со ваквото темпо на вакцинација ефектите ќе бидат минимални за стекнување на колективен имунитет.