Се посигурно е дека и во Битола е достигнат врвот на пролетниот бран на епидемијата. Бројот на дневни нови случаи на Ковид 19 бележи намалување, но не и бројот на активни случаи и бројот на хоспитализирани пациенти, вели универзитетскиот професор Дејан Трајковски. Според неговите статистички анализи, бројот на активни случаи е во тесна врска со бројот на хоспитализирани.
– Поради високиот ефективен репродукционен број во Битола изминатите 10 дена имавме големо натрупување на активните случаи и хоспитализираните, кои што дури после 10-тина дена ќе почнат да се затвораат и ќе биде стопиран растот. Во Битола најверојатно нема да има проблем со хоспитализирани, не верувам бројот на хоспитализации ќе надмине 180. Бројот на активни случаи ќе продолжи да искачува уште неколку дена, се до моментот кога многубројните отворени случаи од пред седум дена ќе започнат помасовно да се затвораат. Дури тогаш кога ќе биде изедначен бројот на новоотворените случаи со затворањето на старите случаи, тогаш ќе настапи врвот на активните случаи. Тоа се очекува по седум дена, под услов да останат истите проесечни бројки од 73 новодијагностицирани на дневно ниво, рече професорот Трајковски.
Тој вели дека на државно ниво нема да има раст на хоспитализирани, но ќе има осцилации на бројките уште десетина дена.
– Обично тој врв е поразлеан, на подолг временски интервал, за разлика од врвот на новводијагностицираните, така што високите бројки ќе траат уште десетина дена, но нема да има раст. Во тоа ни помагаат и последните мерки, кои иако беа донесени дури после настапувањето на врвот на новозаразувањето, ќе придонесат за намалување на идните бројки. Ако имавме порестриктивни мерки во афзата на раст на бројките, тие немаше да искачат до сегашните вредности, – вели проф. Трајковски.
Она што го потенцира е дека леталитетот во овој бран е помал од ноемврискиот. Според него, врвот на новозаразувањето во Битола е достигнат пред 2-3 дена, додека на државно ниво двата врва, на новозаразени и активни случаи, веќе се поминати.