На институтот „Торлак“ во Србија е започнато производството на руската вакцина против коронавирус „Спутник В“ и во иднина ќе може да се извезува во државите од регионот, соопшти Рускиот фонд за директни инвестиции (РФПИ), пренесуваат српските медиуми.
„РФПИ и Институтот за вирологија и вакцини „Торлак“ известуваат дека е започнато производство на руската вакцина против коронавирус „Спутник В“ во Србија. Со тоа, Србија стана првата држава во јужна Европа која ќе произведува „Спутник В“. Производството во Србија е во согласност со најстрогите стандарди“, соопштиле од фондот.
Од Фондот нагласуваат и дека во иднина ќе може да се извезуваат вакцини во другите земји од регионот.
Претходно Италија постигна договор и од јули ќе почне со производство на вакцината. Во преговори за производство е и Германија, поточна покраината Баварија.
Институтот „Торлак“ се наоѓа во главниот град Белград и е основан во 1927 година кога почнал со производство на Бесеже вакцината против туберкулоза.