Миодраг Гезовиќ од Нови Сад досега доброволно примил дури 14 различни вакцини. Тој за Ноизз.рс раскажува што точно му прави вакцината на организмот, колку е ефикасна и корисна.
Тој како припадник на српската војска учествувал во мировни мисии во градот Банги во Централноафриканската република. На подготовките за патот, меѓу останатото, била и здравствена подготовка која вклучувала едукација за превентивните мерки за заштита од заразни болести кои се актуелни на подрачјето на мисијата.
„Една од тие мерки беше и задолжителна вакцинација по протокол на СЗО при ОН, и ни се издаваше таканаречен „жолт пасош“. Болестите кои кај нас се речиси заборавени, во Африка се секојдневие. Маларија, тифус, колера, сида и многу други болести се многу застапени меѓу населението кое во голем дел нема основни услови за живот, на кои не обврнуваме внимание, бидејќи се подразбираат, како: вода, струја, објекти за живеење, канализација“, раскажува Миодраг за Ноизз.
Еден месец пред да замина на првата мисија во јануари 2016 година, кога требал да работи како медицински техничар тој ја примил првата вакцина на ВМА.
Тој раскажува дека потоа примил четири вакцини, против хепатитис А и Б, тетанус, тифус и полиомиелит.
Пред самиот пат примил Стамарил, против жолта треск и втора доза од вакцината против хепатитис А и Б.
„По доаѓањето во Африка и почетокот на работата во Српската воена болница при ОН, се сретнав со такви болести кои нашите најдобри инфектолои и епидемиолози ретко кога би имале шанса да ги видат или лекуваат. Притоа, извршена беше уште една вакцинација во самата Африка и тоа со вакцината против менингитис“, вели Миодраг.
По успешната мисија и враќањето во Србија тој бил многу воодушевен од својата улога во неа, така што веднаш конкурирал за нова мисија на ЕУ и после 10 месеци заминал повторно. Тоа подразбирало повторно да ја помине истата процедура, но бидејќи бил вакциниран, тоа значело дека е целосно заштитен.
Две години по враќањето од втората мисија, во 2019 година конкурирал за уште една мисија на ЕУ и по вообичаената процедура ги примил вакцините кои биле неопходни.
„Дукорал, против колера и „Менактра“ против менингитис и Тајфим Ви против тифус. Веќе немаше страв, неизвесност, ниту грижа, бидејќи знаев каде одам, што ме чека и што значат вакцините кои ги примив за мојот живот“, објаснува тој.
Како здравствен работник, Миодраг меѓу првите имаше шанса да добие вакцина против коронавирус. Тој ја одбрал кинеската вакцина на „Синофарм“.
„Не сум „ваксер“, ниту „антиваксер“, туку некој кој во реалниот живот искуси што значи да се биде заштитен од некои болести, додека луѓето околу тебе умираат. За мене, вакцината значи спас“, заклучува Миодраг.