Со летниот ред на летање се враќаат повеќето од авиолиниите што беа запрени во 2020 година со затворањето на аеродромот во Скопје. Станува збор за голем број линии на авиокомпанијата Визер, како и на рутата Скопје-Варшава на полски ЛОТ. Најавени се и чартер летови од Скопје до Анталија во Турција за периодот од мај до октомври од пет авиокомпании. Ваквите најави се очекува да го зголемат бројот на патници, којшто, како и во минатата година по стартот на пандемијата, така и во првите два месеца од годинава бележи пад од 70 проценти во однос на истиот период лани. Сепак, натамошниот развој на воздушниот сообраќај ќе зависи од одлуките на владиите поврзани со ковид-пандемијата.
-Бројот на авиокомпании кои летаат од Меѓународниот Аеродром Скопје во рамки на летниот распоред на летање за 2021 година, останува речиси истиот. Во зимскиот распоред на летови имавме 10 авиокомпании кои летаа од скопскиот аеродром и тоа: Ер Србија, Ејџиан ерлајнс, Аустриан ерлајнс, Еделвајс, Чер ерлајнс, Кроација ерлајнс, Пегасус ерлајнс, Туркиш ерлајнс, Виндроуз ерлајнс и Визер. Сега, во летниот распоредот на летање, кој почнува од крајот на март до крајот на октомври, ќе имаме уште една авиокомпанија, а тоа е полската ЛОТ. Тие најавија дека ќе се вратат на македонскиот пазар со летовите на релација Скопје-Варшава, од јуни до октомври, коишто беа прекинати со почетокот на пандемијата минатата 2020 година, изјавија за МИА од ТАВ Македонија концесионер на аеродромите во држвава.
Бројот на дестинации од Меѓународниот Аеродром Скопје во зимскиот распоред на летање беше 22, а сега авиокомпаниите најавија вкупно 41 редовна дестинација, што, како што велат од ТАВ, значи дека повеќето од линиите што беа запрени во 2020 година со затворањето на аеродромот, сега се враќаат. Покрај редовните авиолинии/дестинации од Меѓународниот Аеродром Скопје, пет различни авиокомпании најавија чартер летови од Скопје до Анталија во Турција, почнувајќи од мај до октомври. Тоа се Туркиш ерлајнс, Пегасус ерлајнс, Корендон ерлајнс, Сан експрес и Фрибрд ерлајнс.
Сепак, укажуваат од ТАВ Македонија, поради крајно неизвесното деловно опкружување во авиоиндустријата, кое е како резултат на брзите промени во политиките на различни земји за влез на нивно тло, а кои се прават поради Ковид-19, очекуваме можни промени во фреквенциите на летовите на најавените дестинации, како и можни откажувања на некои од најавените дестинации од скопскиот аеродром, исто како што се случуваше и минатата година.
Поради ова, апелираат до сите патници, редовно да проверуваат со нивната авиокомпанија, дали е направена каква било промена на редот на летање во врска со одредена дестинација од скопскиот аеродром, и тоа да го прават дури и откако ќе ги набават авиобилетите, сè до моментот на нивното патување.
Во однос на враќањето на намалените дестинации, како што наведуваат, најавено и ставено е во нивниот распоред, враќањето на голем број линии на авиокомпанијата Визер, како и на рутата Скопје-Варшава, на која лета полски ЛОТ. Авиолинијата Скопје-Атина, со Ејџиан ерлајнс, веќе е вратена на редовниот распоред на летови, од февруари годинава.
-Што се однесува до авиолиниите Скопје-Дубаи, со Флај Дубаи и Скопје-Доха, со Катар ервејс, веќе знаеме дека овие две дестинации нема да бидат обновени со почетокот на летниот распоред на летови годинава. Слично како и авиолинијата Скопје-Истанбул, така и авиолинијата Скопје-Варшава, и споменатите две рути Скопје-Дубаи и Скопје-Доха, нашите патници ги користеа како транзитни точки за интерконтинентални летови, велат од ТАВ.