Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на новинарско прашање во интервјуто за емисијата „Клик плус“, го откри своето искуство во Инфективната клиника во Скопје, во која што беше хоспитализиран 12 дена откако се зарази со коронавирусот.
„Го поправив прозорецот во собата 302, во која што лежев, бидејќи првите неколку вечери кога бев таму, беше премногу студено, а прозорецот не се затвораше. Мислам дека со тоа после мене сите кои беа таму, им беше пристојно потопло“, рече Мицкоски, кој додаде дека никому не му посакува да мине 12 дена како што тој поминал таму, а како човек и политичар ќе работи до максимум на тие луѓе да се чувствуваат подостоинствено.
Мицкоски исто така откри дека има ослабено 7-8 килограми, откако се заразил со Ковид-19.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ се осврна и на вакцинирањето на македонските граѓани изминативе денови во Србија, вели дека заради неспособноста на власта да го заштити населението Ниш и Врање станаа Стокхолм и Копенхаген, за нас.
– Имунизацијата е основа. Вака продолжуваме да тонеме и со префрлање на топката кој е виновен. Денеска за нас Ниш и Врање се Стокхолм и Копенхаген, ете до каде не дотера. Само од Македонија имаше колони за вакцинација во Србија. Тоа доволно говори за неспособноста и поразот, потенцира Мицкоски.
Тој вели доколку Македонија имаше вакцини и граѓаните се вакцинираа немаше потреба да разговараме за дополнителни мерки, бидејќи ќе се сметаше дека власта обезбедила секој граѓанин кој сака да се имунизира.