Најнова студија спроведена од истражувачи од Универзитетот во Јужна Калифорнија откри дека симптомите на ковид-19 често започнуваат по одреден редослед. Некои симптоми на ковид-19, како што се кашлица и треска, се слични на симптомите на некои други болести како што се грип и настинка, па резултатите од оваа студија може да помогнат да се разликува коронавирусот од други болести.
„Ова е особено важно да се знае во време кога грипот и ковид-19 се преклопуваат. Лекарите можат да утврдат кои чекори треба да се преземат за да се грижат за пациентот и можат да спречат влошување на состојбата на пациентот“, рече др. Питер Кун, еден од авторите на студијата и професор по медицина.
За да се предвиди редоследот на симптомите, истражувачите ги анализирале стапките на инциденца на симптомите собрани од Светската здравствена организација (СЗО) од над 55.000 пациенти со ковид-19. Покрај тоа, тие собирале податоци за луѓе кои имале грип.
„Редоследот на симптомите е важен“
„Редоследот на симптомите е важен. Ако знаеме дека секоја болест напредува различно, тоа им овозможува на лекарите побрзо да утврдат дали станува збор за ковид-19 или за некоја друга болест“, рече Џозеф Ларсен, водечки автор на студијата.
Според студијата, симптомите на коронавирус се појавуваат по овој редослед:
-температура,
– кашлица и болки во мускулите,
– гадење или повраќање,
-дијареа.
„Студијата покажа дека пациентите кои имале грип имаат поголема веројатност да развијат кашлица пред температурата. Во реалноста, ова може да биде тешко да се препознае бидејќи грипот често започнува нагло со три симптоми, вклучувајќи болка во грбот, температура и сува кашлица“, рече др. Роберт Глатер, лекар во болницата Ленокс Хил во Њујорк.
Глатер рече дека наодите можат да бидат корисни „при проценка на повеќе пациенти во зафатено клиничко опкружување“. Според студијата, грипот започнува со кашлица, а кај ковид-19 температурата е првиот симптом, пренесува Healthline.
Истражувачите наведуваат дека нивната студија исто така потврдува дека на луѓето треба да им се измери температурата при влегување во некои установи.
Треба да се напомене дека покрај овие, низа други симптоми се поврзани со коронавирусот, како што се губење на вкус и мирис, но температура, кашлица, болки во мускулите, гадење и дијареја често се појавуваат како први знаци на ковид- 19.