Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Грижата за себе кога се има дијабетес подразбира контрола на шеќерот во крвта (гликемијата), соодветна исхрана, физичка активност и редовно земање на лекарствата. Тоа помага да се избегнат компликациите кои може да бидат хронични и акутни. Акутните компликации се ургентни состојби. Хроничните компликации се долготрајни проблеми кои постепено се јавуваат и водат до сериозни оштетувања. Ако се има една хронична компликација се зголемува ризикот од развој на други компликации.
Долготрајно повисоко ниво на шеќер во крвта сериозно ги оштетува крвните садови и го намалува дотурот на крв, кислород и хранливи материи во ткивата и органите. Нервите се оштетуваат поради оштетување на малите крвни садови кои ги исхрануваат.
Постојано, дури и малу повисоко ниво на гликемијата значи поголем ризик од развој на компликации. За развој на компликации одговорни се и пушењето, високите маснотии во крвта, високиот крвен притисок.
Дијабетична невропатија – најчесто се зафатени нервите на рацете, нозете, шаките и стопалата. Пецкање, вкочанетост, зголемена осетливост, болка. Автономната невропатија ги зафаќа варењето на храната, уринирањето и други функции во телото.
Проблеми со видот – дијабетична ретинопатија, катаракта, глауком (зголемен очен притисок). Влошен, намален вид, може да води до слепило.
Дијабетична болест на бубрезите – оштетени се малите крвни садови, гломеруларните капилари кои ја филтрираат крвта. Во крајниот стадиум на болеста потребна е заместителна терапија (дијализа, транспантација).
Болести на усната празнина – кога има повеќе шеќер во плунката бактериите полесно се размножуваат, го напаѓаат емајлот на забите кои се расипуваат. Поради оштетените крвни садови непцата полесно крварат и се подложни на инфекција. Се јавуваат инфекции, кандидијаза во усната празнина.
Проблеми на стопалата – поради оштетени нерви на стопалата и неосетливост не се чувствува повреда или инфекција. Циркулацијата на крв е пореметена и намалена, раните потешко зараснуваат и може да има потреба од ампутација. Треба да се прекине со пушење, да се вежба, да се проверуваат и одржуваат чисти стопалата, да се носат удобни чевли.
Кожни проблеми – може да е потенка или задебелена, да има дамки на променета боја, чешање. Се авуваат акни, ранички, плускавци кои потешко зараснуваат.
Дигестивни проблеми – пореметено варење на храната, гадење, повраќање, киселини, полност во стомакот, гасови, опстипација или дијареа.
Мозочен удар – почест е кај особи со дијабетес и во помлада возраст. Мозочното ткиво не добива доволно крв поради оштетените крвни садови и може трајно да се оштети.
Срцева болест – поради оштетените крвни садови, високиот крвен притисок, покачените масти, прекумерната тежина.
Проблем со сексуалната активност – поради оштетените нерви и крвни садови се намалува крвниот проток, се намалуваат или губат сензациите. Еректилна дисфункција кај мажи. Жените имаат проблем со возбудата, ослабено чувство, непријатност или болка, зголемен ризик за инфекции.
Инфекции – почесто се јавуваат и почести се компликации, уринарни инфекции, настинка, грип, пневмонија, габични инфекции.
Компликациите не се неизбежни. Одржување на глукозата и маснотиите во крвта и крвниот притисок под контрола го намалува ризикот од развој на компикации. Престанок на пушење секогаш се советува бидејќи пушењето ги оштетува крвните садови, го забрзува процесот на артериосклероза.