Џез-вокалистот Џон Илија Апелгрин преку својот Фејсбук профил ја коментираше славеничката атмосфера по добивањето на првите вакцини за ковид-19 од Србија.
„Колку го срозавме критериумот во се‚ гледаме денес со доаѓањето на вакцини од Србија.
Како држава сосем ја прегрнавме просечноста и почнавме да ги славиме како најголеми успеси на нашата дипломатија и влада пратката од 4 илјади и кусур дози вакцини предадени на граница на снегов, како да сме завршиле со вакцинирање на сите во рекорден број на светот. Половина влада се истопори на овој важен настан кој долго ќе го паметат граѓаните од Македонија. Тоа што добивме вакцини доволни да се вакцинираат само вработените од едно министерство кои вредно работат од дома + жителите на Градско е показател на колку е голема оваа ‘победа’. Во Мјанмар се случи скоро воен удар, но тоа не ги спречи до сега да вакцинираат со 103.142 дози…
Јадни сме, а тоа станавме затоа што со години кај нас се негува славењето на тотално беззначајни настани и им се дава преголемо значење, небаре на такви никакви победи се гради национален идентитет.
Славевме кога ја ‘победивме’ Англија во фудбал со 2:2, славевме кога кошаркарите станаа четврти, славевме кога се пласиравме на Европско првенство во фудбал (значи славиме само идно учество), славиме учества на семинари и дипломите за учество гордо на ѕид ги закачуваме, славиме отворање на кружен тек, славиме отворање на чешми, славиме нови контејнери за ѓубре, славиме отворање на делница од автопат, славиме нови автобуси.
Кога некој наш сограѓанин ќе освои прво место во некаков научен, школски, уметнички, спортски натпревар, може по грешка да излезе некој штур напис во весник (таму кај страниците со огласи). Единствено за малку ќе им се израдувавме ко што треба на нашите успешни филмаџии, ама и тоа го претворавме во панаѓур секојпат. На нашите храбри пожарникари им се восхитуваме само во моментот на несреќа, штом се е О.К. забораваме на нив и нивните права за заштита и пензии…
Нè натераа да не знаеме што треба со гордост да славиме. Нè натераа да се радуваме ко мајмуни на секое залче леб фрлен кон нас. Доктори без лиценца оперираат, доктори со лиценца вадат органи, политичари ни се луѓе кои се осудувани за криминал, професори и декани бараат секс и кеш за оценка, филскултурци ни водат културни центри…снег нè изненадува во февруари…
Јадни сме“, напиша Апелгрин.