Меѓу загинатите на обиколницата се и оперскиот првенец Ристе Велков и неговиот син

by Тони Зографски

Во големата трагедија на обиколницата кај Скопје меѓу четирите жртви е и баритонот на Македонската опера и балет Ристе Велков и неговиот 20-годишен син Адам Велков. Велков беше оперски солист првенец, еден од водечките македонски баритони.

Несреќата се случила околу 23 часот на делницата меѓу надвозникот кај Визбегово и клучката Мирковци. Според информациите од Министерството за внатрешни работи, товарно возило со косовски регистарски ознаки, управувано од 76-годишен возач од Косово, изгубило контрола, ја пробило заштитната ограда и навлегло во спротивната коловозна лента. Таму директно се судрило со патничко возило „бмв“ со скопски таблички.

По силниот удар, двете возила биле зафатени од пожар кој брзо ги зафатил и целосно ги уништил кабината на камионот и автомобилот. Екипи од Бригадата за противпожарна заштита на Скопје интервенирале и го изгаснале огнот, но за четворицата патници во автомобилот веќе немало спас.

На лице место животот го загубиле возачот на „бмв“-то, 51-годишен скопјанец, како и тројца сопатници на возраст од 20 години, меѓу кои и Ристе Велков. Едно од починатите лица сè уште не е официјално идентификувано. Лекар од Итната медицинска помош ја констатирал смртта на местото на настанот, по што телата се предадени на обдукција по наредба на јавен обвинител.

Возачот на товарното возило е лишен од слобода и задржан во полициска станица, а истрагата за причините и околностите на трагедијата е во тек. По нејзиното завршување се очекува да биде поднесена соодветна кривична пријава.

Поради увидот на терен, сообраќајот на обиколницата бил пренасочуван неколку часа преку алтернативни правци меѓу Тетово и Велес, а нормализација на движењето е воспоставена во раните утрински часови.

Ристе Велков е роден во Скопје во 1975 година и важеше за еден од најистакнатите баритони на македонската оперска сцена. Како солист и првенец на Националната опера и балет, тој изгради репертоар од 26 улоги, со особен фокус на белканто и италијанскиот оперски израз.

Во текот на својата кариера, Велков се издвојуваше со изведби на централни баритонски улоги во класични опери како „Набуко“, „Риголето“, „Магбет“ и „Травијата“, каде што неговиот препознатлив тембр и сценска изразност му донесоа статус на еден од најпрепознатливите гласови на домашната сцена.

останати вести