Џејсон Келк поминал повеќе од 10 месеци на Интензивна нега во болница во Лидс бидејќи во март минатата година заболел од ковид-19. Овој 49-годишник и понатаму е на респиратор, неопходна му е дијализа, а дури неодамна за прв пат проодел откако бил заразен со коронавирусот.
– Ова беше многу долго и ужасно патување. Три недели ситуацијата беше несигурна. Беше многу, многу болен. До толку беше лошо што во април посакав да умре. Беше ужасно, изјавила неговата сопруга Сју Келк.
Келк која инаку била медицинска сестра, раскажала дека докторот рекол дека нејзиниот маж бил еден од шест или седум пациенти во Обединетото Кралство кој бил во таа состојба.
Заболел во март
Сопругата на Џејсон рекла дека нејзиниот сопруг во март минатата година имал проблеми со дишењето, а вработените во Итната помош предложиле тој да биде одведен во болница ради испитувања. Сју се надевала дека ќе се врати подоцна во текот на денот, но Џејсон бил позитивен на тестот за коронавирус.
Неговата состојба набргу се влошила, а на 3 април тој бил префрлен на ковид одделението на интензивна нега. Веќе следниот ден тој морал да биде ставен на респиратор, раскажува Сју за Скај Њуз.
Пробала да се самоубие
Келк рекла дека и било тешко да се помири со страшниот ефект на коронавирусот врз нејзиниот сопруг.
– На Џејсон му беше многу тешко. Тој страдаше, а јас бев во секој момент со него. Се предозирав со лекови, бидејќи размислував дека ако умрам и тој ќе умре. Беше ужасно за сите. Ова е апсолутен кошмар, се чувствувате беспомошно, објаснила таа.
Состојбата се подобрила
Сју раскажала дека состојбата на Џејсон се подобрила во наредните неколку недели, но потоа повторно се влошила.
Сепак неговиот организам успеал да се избори, па здравствената состојба повторно се подобрила.
– Последните денови тој беше на некои 12 до 14 часа тргнат од респиратор. Веројатно ќе му биде потребен респиратор до крајот на животот за време на ноќите. Ќе му биде потребна и дијализа, бидејќи бубрезите му се уништени, раскажува Сју.
– Докторите сметаат дека во некој момент тој ќе биде пуштен дома, но нема временска рамка кога тоа би било. Можеби за три месеци, можеби за една година, додала таа.
Џејсон неодамна прооде за првпат откако заболе од ковид-19, а неговата сопруга истакна дека состојбата му се подобрува.
– Сега можам да го гледам секоја недела што е одлично. Се врати неговата личност, веќе нема проблем со делириум или конфузија. Тогаш беше многу изморен и поспан, а сега цело време е насмеан, раскажала Сју.
Таа наведува дека Џејсон има проблеми со говорот, заради интубацијата.
– Комуникацијата некогаш ни е премногу смешна. Мојата вештина за читање од уста не е толку добра. Меѓутоа, тој добро комуницира со сестрите, а може и да запише работи, објаснила Сју.