Во српската Стопанска комора во Белград (ПКС) се одржа седница на Управниот одбор на Коморскиот инвестициски форум на Западнобалканската шесторка (Киф ЗБ6), асоцијација што ги обединува стопанските комори на Македонија, Босна и Херцеговина, Албанија, Црна Гора, Косово и Србија, јави дописникот на МИА од Белград.
Како што соопштија од ПКС од оваа средба, бизнисмените од Западен Балкан упатија заеднички апел до своите влади и политичките структури во регионот да направат сè за економијата да функционира на наједноставен можен начин и да се свртат кон иднината и заедничката регионална соработка.
-Дајте им на граѓаните на регионот иднина, а не минато, е заедничката порака на сите претседатели на стопанските комори на Западен Балкан до нивните влади.
Бизнисмените бараат итно отстранување на сите деловни и економски бариери во регионот, особено оние што произлегуваат од лошите политички односи меѓу Белград, Приштина и Сараево. Од владите во Сараево и Приштина беше побарано да ги укинат визите и сите други ограничувања на слободата на движење. Побарано е признавање на регистарските таблички и осигурување на возилата, што спречува целосна слобода на движењето и на деловното работење, што доведува до непотребни трошоци во работењето на економијата.
Стопанските комори на Западен Балкан исто така испратија јасна порака до Европската унија дека е недопуштена понатамошна блокада за воведување визна либерализација за жителите на Косово. Спречувањето на слободно патување на граѓаните и економијата е во директен судир со основните човекови и европски права. Стопанските комори на регионот го потсетуваат Брисел дека визната либерализација беше пресвртницата и најголемиот поттик за економскиот развој на сите земји од Западен Балкан.
Заеднички беше оценето дека иницијативата за укинување на ПЦР-тестот за граѓаните да патуваат во земјите од регионот, што беше усвоен на иницијатива на стопанските комори, имаше голем ефект врз деловната активност на компаниите