Само еден ден по вчерашниот земјотрес од 5,3 степени според Рихтер, Хрватска повторно се тресе.
Според известувањето на Сеизмолошката служба потресот што се случи во 12,19 часот бил со јачина од 6,2 степени според скалата на ЕМС. „Интензитетот во епицентарот на овој разорен потрес е проценет на VIII-IX според скалата на ЕМС. Потресот се почувствува низ цела Хрватска. Се очекуваат големи материјални штети“, објави Сеизмолошката служба на Твитер.
Според ослободената енергија, овој потрес е посилен за 30 пати од оној во март во Загреб, кој имаше магнитуда од 5,5 степени, изјави за телевизијата Н1 сеизмологот Крешимир Кук.
Поголемиот дел од Загреб остана без струја, автомобилите се во колони, трамваите стојат, а граѓаните се на улиците. Хрватската војска веднаш испрати 300 војници во Петриња, а премиерот Андреј Пленковиќ изјави дека тој ќе замине да го посетит разурнатиот град.
Во Петриња загина едно дете, а центарот на градот е во урнатини. На мајката чие дете загина ѝ се пружа помош затоа што е во тежок шок, јавуваат хрватските медиуми.
Градоначалникот на Петриња, Даринко Думбовиќ во првата изјава по земјотресот вели дека половина град е срушен и побара итно да се прати помош.
-Извлекувањеме луѓе, не знаеме дали и колку починати и повредени има. Слушнав дека се срушила градинка, но за среќа во неа немало деца, додека од друга градинка децата успеале да се спасат, изјавил градоначалникот.
Според хрватските медиуми земјотресот се почувствувал и во Риека, Вуковар, Сплит, Дубровник.