Спортскиот арбитражен суд му забрани на рускиот претседател Владимир Путин две години да присуствува на Олимписките и Параолимписките игри и Светските првенства. Забраната на судот се однесува на „претставниците на руската влада“.
Како што е наведено во посебниот став на одлуката, претставници на владата се „заменици министри, министри, вицепремиери, премиер и претседател на Руската Федерација“.
Единствениот начин Путин да присуствува на Олимписките игри е претседателот или врвот на земјата-домаќин да го покани како специјален гостин.
Како што известува Раша Тудеј, ставот за забраната за присуство има исклучок во случајот „ако претставникот на Владата на Русија е поканет од врвот на земјата домаќин како специјален гостин“.
Значи, ако кинескиот претседател Си Џинпинг го покани Путин на Зимските олимписки игри во Пекинг во 2022 година, Путин би можел да дојде.
Спортскиот арбитражен суд денеска застана на страната на Светската антидопинг агенција (ВАДА) во спорот со Руската антидопинг агенција (РУСАДА) . Руските спортисти нема да можат да се натпреваруваат на големи меѓународни натпревари под руско знаме до 16 декември 2022 година.
Покрај тоа, РУСАДА е должна да и плати на агенцијата ВАДА износ од 1,27 милиони долари како надомест за трошоците што ВАДА ги имала од јануари 2019 година до датумот на одлуката.
Забележано е дека претставниците на Владата на Русија нема да можат да добијат акредитација, како и да присуствуваат на светските првенства во разни спортови.
Ограничувањата не се однесуваат на службени лица кои се членови на Меѓународниот олимписки комитет или добиле покана за натпреварување од шефот на државата на чија територија се одржува настанот. Исто така, ограничувањата не се однесуваат на службени лица кои се спортисти и кои пристигнале на натпреварот како учесници.