Божидар Јанковски, сопругот на министерката за одбрана, Радмила Шеќеринска, ги купи уделите од Ерсте Кард Клуб д.о.о. Загреб, Хрватска, со што стана единствен сопственик на финансиското Друштво Дајнерс Клуб Интернационал МАК ДООЕЛ Скопје.
-Ова е исклучително признание за работата на Динерс Клуб во нашата земја. Заради одличните резултати на менаџментот на компанијата во изминатите 20 години, ја добивам оваа ретка можност како приватно лице да бидам сопственик на компанијата која продолжува да работи под франшизата на Diners Club International Ltd. Ваква соработка е вистинска реткост и потврда на фактот дека компанијата со години бележи одлични успешни резултати и раст. Со овој чекор се отвораат нови можности за натамошен, забрзан развој на ДЈнерс Клуб во нашата земја, пред сè во насока на ширење на продажната мрежа, унапредување на корисничката грижа, производите и услугите за клиентите. Дајнерс Клуб останува посветен да направи разлика, да им донесе повеќе привилегии и поволности на своите корисници. Приоритети во блиска иднина се воведување нови можности и продукти на кои веќе работиме, а целосно сме посветени и на забрзан развој на дигитализација на нашите услуги и производи, вели Јанковски.
-Би сакале да им се заблагодариме на менаџментот и на сите вработени за плодната и конструктивна соработка во изминатите три години. Уште повеќе, силно веруваме дека Дајнерс Клуб Македонија ќе го продолжи своето успешно деловно работење на локалниот пазар и во иднина. И во таа насока веруваме во можна идна соработка со цел натамошно зајакнување на севкупната позиција на брендот на Дајнерс Клуб на регионално ниво, смета Јурген де Руијтер, член на Управниот одбор на Ерсте Кард Клуб.
Истовремено, прв пат Дајнерс Клуб Интернационал МАК ДООЕЛ станува директен сопственик на франшизата, со склучување франшизен договор со Diners Club International Ltd. како компанија за директни банкарски и платежни услуги во сопственост на Discover Financial Services (NYSE: DFS), еден од најпознатите брендови во финансискиот сектор на САД. Со тоа Дајнерс Клуб Интернационал МАК ДООЕЛ Скопје го презема ексклузивното право за издавање на Дајнерс Клуб картичка, како и можноста за натамошен развој и работење на брендот во Република Северна Македонија.
-Ни претставува особено задоволство што го потпишавме ова ново партнерство со менаџментот на Динерс Клуб Македонија, кои низ годините со иновации и посветеност кон своите клиенти, изградија исклучително успешно деловно работење во финансиските услуги во земјата, изјави Мат Слоун, управен директор ЕМЕА за Discover Financial Services.
По промената на сопственоста, нема да има промени во името и седиштето на компанијата, како и во обврските на компанијата. Не се менуваат ниту договорните обврски и права на и кон клиентите и коминтентите.
Динерс Клуб Интернационал МАК, веќе 25 години работи на македонскиот пазар. Динерс Клуб е првата кредитна картичка која е достапна за корисниците во нашата земја. Од март 2017 сопственик на Динерс Клуб Македонија беше Ерсте Кард Клуб доо Загреб.
Денес, Динерс Клуб Интернационал МАК има корисничка база од над 15.000 активни корисници на пазарот во РС Македонија, богато портфолио на производи и ко-брендирани картички, 24 часовна корисничка поддршка, над 3000 продажни места во земјата, каде што може да се купува на рати.