Законот за финансирање политички партии вчера помина на Комисијата за политички систем. Поддршка даде и опозицијата, а со него партиите си овозможуваат да им се вратат назад парите кои им беа скратени со уредба со законска сила пролетва оваа година поради пандемијата.
Со измените на законското решение практично пратениците гласаат за враќање на околу 4 милиони евра кон нивните матични партии.
Инаку, пред две години на политичките партии од буџетот им беше овозможено годишно да добиваат 4.5 милиони евра, односно 0,15 отсто од средствата на јавната каса. Оваа година, поради ковид-кризата, наместо 0,15 проценти од буџетот, политичките партии добија само 0,04 отсто, или наместо 320 милиони денари, со Уредбата со законска сила им беа исплатени само 71.480.556 денари (1,16 милиони евра) пред парламентарните избори.