Министерот за здравство, Венко Филипче и Деканката на Медицинскиот Факултет во Скопје проф. д-р Соња Топузовска одржаа средба со студентите од шестта година по општа медицина. На средбата се разговараше за вклучување на студентите, идните лекари во процесот на справување од коронавирусот, соопштија од министерството.
„Во услови кога се соочуваме со најголемата светска здравствена криза, студентите по медицина, иднината на нашето здравство, активно се вклучува во поддршка на своите колеги. Студентите се едногласни дека сакаат и можат да помогнат во периодот кој следува. Нивниот ангажман ќе биде помош на колегите епидемиолози во телефонска комуниција со пациентите, изработка на епидемиолошки анкети и обработка на податоците. “ – истакнува министерот Филипче по средбата и додава дека тие нема да имаат физички контакт со пациенти заболени или суспектни на ковид-19.
Ангажманот на студентите ќе трае шест месеци и ќе биде поделен во три фази. На секои два месеци по 50 нови студенти ќе бидат ангажирани во Центрите за јавно здравје.
„Вклучувањето на студентите по медицина во борбата против ковид-19 е директна помош на здравствените работници и здравствениот систем кои го носат најголемиот товар во оваа криза. Дополнителна придобивка е што студентите освен што ќе стекнат искуство, преку овој ангажман ќе ја реализираат клиничката пракса по јавно здравје која ја извршуваат во шесттата година од студиите и истата ќе им биде признаена“ – потенцира проф. д-р Соња Топузовска, Деканка на медицинскиот факултет во Скопје.
Координацијата и распределбата на групите е во тек, ангажманот на студентите ќе започне во најкус можен рок.