Раководителот на генетската лабораторија во клиниката „Жан Митрев“, д.р. Горан Кунгуловски, која е истовремено задолжена за правење на тестовите во рамките на истоимената болница, со свое размислување и предлог, како да се изолираат потенцијалните преносители на вирусот и да се вратиме во некој нормален начин на живот:
“Како да ја добиеме најреалната слика за заболени со коронавирус, а притоа да почнеме да се враќаме во нормала со отворени школи, универзитети, кафичи, дискотеки, концерти и слично? Одговорот е помасовно тестирање плус некои други работи, барем според мене.
1. Да се направи лабораторија што ќе може да прави минимум 10.000 тестови за 24 часа. Истата е возможно да се направи за еден месец. Плус една недела за валидација. Да биде скоро целосно автоматизирана. Потребен е персонал од 4-5 луѓе по смена. Teстовите да бидат покриени од ФЗОМ. Не е премногу комплицирано.
2. Да се направат пунктови и инфраструктура за земање на брисеви. Триесетина вакви се доволни за цела Македонија, сите треба да земаат по 300-350 брисеви дневно. Потребен е персонал од околу 75 луѓе за земање на брисеви. Може да биде медицински персонал, може да бидат студенти по медицина, фармација и слично. Не е премногу комплицирано.
3. Да се направи лабораториски систем за конекција на баркод со идентификација на пациент во лабораторијата. Лаборантите не ги знаат имињата на пациентите, туку само нивните баркодови. Целиот процес е автоматизиран. Пациентот може да го следи резултатот онлајн и да добие нотификација кога ќе биде готов. Не е премногу комплицирано.
4. Да се направи софтверски систем кадешто уникатниот резултат со баркод ќе може да се отчитува во секоја установа, школо, универзитет, кафуле, дискотека. Не е премногу комплицирано.
Што е добивката од ова?
1. Во рок од 1 месец, ќе бидеме во можност да ја тестираме 15-20% од популацијата на Македонија барем еднаш. Ќе откриеме голем број на позитивни случаи коишто ќе бидат во изолација. Ќе ја знаеме горе-доле реалната состојба во нашата држава.
2. Ако овие пунктови се наоѓаат на паркинзи, пациентите ќе доаѓаат на пунктот, а не обратно. Контактот меѓу медицинскиот работник и пациентот ќе биде минимален. Неефективно е медицински персонал да ги посетува домовите на пациентите како што се прави во некои случаи сега.
3. Ќе се следат процесите автоматизирано, а не како досега. Роботи и компјутери ќе ги извршуваат најголем дел од процесите.
4. Ако уникатниот баркод од резултатот може да се отчитува во секоја установа, ресторан, кафуле, тогаш ќе може да одржуваат настани од секаков карактер, само со потврдени PCR негативни граѓани. Ако предуслов за да влезеш во кафана е PCR негативен тест покриен од државата, со трчање ќе направиш. Животот ќе може да се враќа во нормала. Времетраењето на негативниот резултат ќе биде 48 часа. Секоја злупотреба и фалсификување на резултат од страна на граѓани и установи да резултира во драконски казни (финансиски и затворски).
Предноста е што Македонија е мала Земја и вакви концепти може полесно да се спроведат доколку се сака. Не велам дека е лесно, велам дека е возможно. Не велам дека е перфектно, велам дека веројатно ќе биде подобро од тековното“, напиша Конгуловски на својот Фејсбук профил.