Доктор Ненад Лазаров од Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари објави дека сестрите од Инфективна клиника кои се заканија со отказ биле разрешени од позициите.
„Инаку, медицинските сестри што дадоа отказ од Инфектовна, а кои експресно ги прими загрижениот министерот другиот ден, експресно и се разрешени од местата одделенска т. е. главна сестра после состанокот“, напиша Лазаров на Фејсбук.
Истиот лекар на 29 септември објави дека главната сестра на Инфективна клиника и уште две одделенски сестри дале отказ во еден акт. Тој тогаш објави и документи од неговите колешки кои се жалат дека нивната работа е непочитувана, иако претставува најважна алка во медицинскиот тим.
Министерот за здравство Венко Филипче следниот ден (30 септември) во неговиот кабинет имаше средба со трите сестри од Инфективна клиника.
“Утрово се сретнав со колешките Зорица, Силвана и Дивна, медицински сестри од Инфективната Клиника. Тие изминативе седум месеци се на првата линија во борбата со пандемијата. За нивната посветеност и неуморна работа им изразив огромна благодарност. Кога се работи во такви тешки услови со многу стрес и замор, разбирливо е да дојде до потреба за промена за што целосно ги разбирам. Сепак, утрово ги поканив на разговор и разговаравме да останат на Клиниката каде нивната работа неизмерно се вреднувана“, напиша Филипче на Фејсбук.
Тој нагласи дека се договориле после заслужениот одмор кој го земале повторно да разговараат и да најдат начин да продолжат заедно во битката со ковид-19 на Инфективната Клиника.