Фондот за здравство воведе нова, намалена цена на тестовите за ковид-19. Тестирањето на сите пациенти што се со индикација за ковид-19 во државните лаборатории и понатаму е бесплатно, но наместо 3.600 денари, референтната цена по која ќе им биде рефундирано на болниците и лабораториите за ПЦР тестови ќе биде 1.850 денари, дознава САКАМДАКАЖАМ.мк.
Како што објаснуваат од Фондот за здравство за САКАМДАКАЖАМ.МК пониската референтна цена е поради помалите трошоци за медицински и друг потрошен материјал и големиот број на тестови кои се изведуваат во серија.
„Земајќи ја предвид моменталната состојба во однос на пандемијата со коронавирусот и потребата од зголемување на бројот на пациенти за кои е потребно да се изврши молекуларна дијагностика за детекција на вирусот, како и вклучување на приватните лаборатории, кои ја даваат оваа услуга во мрежата на здравстевни установи, Комисијата за референтни цени направи ревизија на постоечката цена. На Управниот одбор на Фондот за здравство беше донесена одлука за воведување нова здравствена услуга за детекција на ковид-19 со ПВР-полимераза верижна реакција во реално време, со референтна цена помала од цената на тестот со оваа метода за другите микроорганизми“, велат од Фондот за здравство.
Од почетокот на епидемијата до сега, вкупно се направените 176 илјади ПЦР тестови.