Родилка и нејзиното бебе вчера попладне починаа на Клиниката за гинекологија. Четириесетгодишната трудница К.Ј. од населбата Шуто Оризари, Скопје била примена во приемната амбуланта на ЈЗУ У ГАК-Скопје на 18 септември, на нејзино барање со образложение дека е дојдена да ја види состојбата на нејзиното бебе.
Таа, како што соопштија од Клиниката, не знаела кога и била последната менструација и го информирала медицинскиот тим на Клиниката дека тоа и е втора контрола откако е бремена, што, како што посочуваат од Клиниката, значи дека нејзината бременост не била контролирана и не знаела која недела е од бременоста. Ова на К.Ј. и била 11 бременост, има четири живородени деца и шест прекинати бремености.
Таа, наведуваат од ГАК, веднаш била ставена на ЦТГ мислејќи дека станува збор за терминска бременост, а по направениот ултразвучен наод е утврдено дека трудницата е во 36-та гестациска недела од бременоста.
– Според наодот на ЦТГ-то кој бил двојбен, лекарите дале мислење дека тоа треба да се повтори за два часа поради што на пациентката и било сугерирано да не се оддалечува на подолго време од Клиниката имајќи предвид дека живее во населбата Шуто Оризари, во меѓувреме нешто да јаде, по што трудницата излегла надвор од Клиниката за да испие кафе. На ЈЗУ У ГАК-Скопје таа се вратила во 16:15 часот и на лекарите им рекла дека во периодот од два часа била во својот дом, каде што прокрвавела, се вели во соопштението.