Фудбалерот на Ајакс Дејли Блинд, изненадно се струполи на тревата за време на пријателскиот натпревар меѓу Ајакс и Херта Берлин, кој вчера се играше на „Јохан Кројф арената“. Блинд ги уплаши присутните на стадионот кои го следеа мечот.
Медицинскиот тим на Ајакс веднаш втрча на теренот да интервенира, а по неколку минути Блинд стана и го напушти теренот без проблем, јасно дека не можеше да го доигра мечот.
Според информациите на холандските медиуми, пејсмејкерот кој му е вграден на Блинд за момент откажал, но проблемот веќе е решен и како што изјави тренерот Ерик Тен Хаг, тој е во добра состојба.
„За среќа со Далеј сè е во ред. Неговиот дефибрилатор за кратко се исклучил, ама брзо проработе и сега тој не чувствува никакви последици. Сепак, дали ќе продолжи да тренира, не сум сигурен. Ќе одиме да направи детални проверки прво, иако мислам дека не постои никаков сериозен проблем“, вели Ерик Тен Хаг.
Инаку, проблемите на холандскиот дефанзивец почнаа во декември, кога падна за време на натпреварот со Валенсија. Тогаш два месеци беше надвор од терените, заздраве и се врати, но на вчерашниот натпревар ги исплаши сите. Тие кои биле блиску до него изјавија дека тој викнал пред да падне.