-Се уште не знаеме која ќе биде цената за вакцината за Ковид-19, но дефинитивно државата ќе издвои буџет и вакцинирањето ќе биде бесплатно, вели – министерот за здравство Венко Филипче во интервју за „Слободен печат”.
Посочува дека имаат два механизми во овој момент за набавка, едниот е Ковакс механизмот, преку СЗО и Алијансата за имунизација.
– Потпишавме писмо на намери и овој механизам им овозможува на земјите рамноправно да им бидат распределени вакцините според бројот на населението тогаш кога ќе излезат на пазарот, од секој последователен производител. Земјите – членки на Европската Унија потпишаа билатерални договори со компанијата која работи на оксфордската вакцина „Астра зенека”. Добивме понуда Полска да набави соодветна количина и за нас, заради тоа што нема да имаме можност за билатерален договор. Дефинитивно, со два механизми обезбедуваме дека вакцината ќе биде достапна и за нашите граѓани, бесплатно. Вакцината од Оксфорд во земјава ќе стигне преку партнерство и соработка со Полска и ќе биде бесплатна, истакнува Филипче.
Тој ја оценува како стабилна состојбата со пандемијата со Ковид-19 во земјава, поради тоа што не се оптоварени болничките капацитети и поради тоа што неколку недели по ред, процентот на новозаразени е околу 7 проценти. Сепак, здравствениот систем, потенцира, стратешки се подготвува за евентуално лоши есенски сценарија иницирани од комбинацијата на пациенти со грип и на оние со ковид, а можни се и рестриктивни мерки во одредени региони доколку тоа е потребно.
– До крајот на октомври ќе бидат готови и 16 модуларни болници, таканаречени „ковид центри” ширум земјата, во непосредна близина на актуелните болнички капацитети, вели Филипче.
Според него, свеста за значењето на вакцините е подигната, особено по минатогодишната епидемија со морбили.
– Мислам дека апсолутно нема да има отпор, така како што имало во минатото, зашто болеста е тука, свесни сме и за нејзината тешка форма кај некои пациенти и нема да има отпор кај граѓаните тогаш кога вакцината ќе биде достапна. Ова е вирус кој ги напаѓа сите органи и нема правило. Поголем ризик имаат пациентите со хронична болест. Осумдесет проценти од починатите кај нас се со хронично заболување но, имаше и помлади луѓе без хронична болест, а имаа тешка форма на болеста. Дел од пациентите кои имаа тешка форма на болеста доцна доаѓаа во болница што ги намалува шансите лекарствата да имаат ефект, зашто се во поодмината фаза на болеста. Имаше пациенти кои се јавуваа во болница со врзување на крвта од 20 проценти, а нормално е 96 проценти и тие завршуваа со смртен исход. Тие што доаѓаа со 60 до 80 проценти сатурација, имаа ефект. За исходот на лекувањето важно е пациентите навремено да се јавуваат во болниците, вели Филипче.
Во врска со тоа дали ќе има некаков финансиски надоместок и подигнување на платите на вработените во болницата „8 Септември” која се трансформираше во ковид центар, министерот посочува дека работат на обезбедување средства во Фондот за здравствено осигурување за луѓето кои директно работат со овие пациенти да добијат зголемување на сумата за дежурства, бидејќи сега оваа сума е помала од онаа што ја земаат колегите на Клиниката за инфективни болести, каде работат со истата група пациенти.
– Имавме неколку средби со претставници на синдикатот и со директорот на болницата и за многу кратко време тие ќе земаат за 50 проценти повисок надоместок од сегашниот, за дежурства, истакнува Филипче.
Тој нагласува дека продолжуваат со инвестиции во платите на здравствените работници, со реновирање на здравствените установи и со инвестицијата во клиничкиот центар.