Еден од најпознатите и најтрофејни тренери во млади категории во земјава, Драган Василов, почина синоќа, на 64. годишна возраст. Според гол. мк, во последните мигови од животот тој одработе тренинг со младите имиња на кампот на Кошаркарската федерација на Македонија (КФСМ) во Маврово, а по вечерата ненадејно му се слошило. Иако се обиделе да го спасат, сепак, била констатирана смрт. Според првичните информации се работи за срцев удар.
Популарниот Цевка над три децении, со мали прекини, работеше како тренер на млади играчи, низ неговите раце поминаа бројни познати кошаркари и македонски репрезентативци, пред сè од школата на Работнички, како Перо Антиќ, Емил Рајковиќ, Ѓорѓи Чековски, Александар Јончевски, а во младинските селекции и Димитар Мираковски, Златко Гоцевски, Александар Антиќ, Кирил Павловски…
Драган Василов во 1999 година беше селектор на кадетската репрезентација која го освои шестото место на Европското првенство во Словенија што досега е втор најдобар пласман на една македонската младинска селекција. По заминувањето од Работнички каде беше долги години, работеше во клубови како Партизан Водно Санс, Торус, Јуниор и Феникс.
Смртта го затекна како претседател на Тренерската комисија при Кошаркарската федерација и еден од лидерите на младинскиот камп во Маврово.