26-годишна девојка од Англија завршила на интензивна нега, откако се предозирала со 2 лажици кофеин во прав. Девојката наскоро почувствувала потешкотии при дишењето, нејзиното срце почнало да прескокнува и силно да чука, а таа почнала да се поти и да се чувствува вознемирена. Подоцна откриле дека таа зела две големи лажички, или околу 20 грама кофеин, што одговара на количината на 56 шолји кафе.
Кога пристигнала во една од лондонските болници, младата жена веќе повраќала и сериозно се вознемирила. Седум часа откако била примена, тестирањето покажало дека има 147,1 милиграм кофеин на литар крв, што е веќе далеку над потенцијално фатален опсег од 80-100 милиграми на литар. Девојката не реагирала на терапија со флуиди и електролити, па затоа била интубирана во единицата за интензивна нега и ставена под седативи за да можат да ја приклучат на респиратор и да се следи срцевата функција. Потоа добила активиран јаглен за да ја отстрани киселина, и магнезиум за да го стабилизира срцевиот ритам.
Пациентката била отпуштена од болницата по седум дена, но сепак се опоравувала со месеци. На крајот, таа оздравела добро, без последици. Подоцна им кажала на лекарите колку е лесно да се добие кофеин во прав: Таа купила килограм кофеин на Интернет, за околу 40 долари, а истиот ѝ бил доставен следниот ден.
Инаку, кофеинот, активната состојка во пијалоците што ни дава енергија, може да биде смртоносна во големи дози, па така, со додатоците кои содржат концентриран кофеин, како што се некои видови прашоци или таблети кои се рекламираат со порака дека ја зголемуваат енергијата, треба да се биде исклучително внимателен, затоа што дури и мала пилула може да содржи концентрација на кофеин како да пиете 1 литар кафе.