– Одобрувањето на првиот лек за лекување Ковид-19 е важен чекор во борбата против вирусот, изјави комесарката за здравство Стела Киријакидес.
Лекот во ЕУ е одобрен по итна постапка – за помалку од еден месец. САД уште на почетокот на мај одобрија ограничена употреба на ремдесивир во болниците. И во Германија лекот беше достапен во рамките на специјална програма за лекување и беше тестиран во клинички студии.
Европската агенција за лекови (ЕМА) препорачува лекување со ремдесивир за пациенти на возраст од најмалку 12 години што имаат пневмонија и треба да добијат дополнителен кислород.
Средството се дава со инфузија и го инхибира ензимот на вирусот, што е неопходен за негово размножување. Првиот ден се дава инфузија од 200 мг, а потоа инфузија од 100 мг на ден – минимум четири, но максимум девет дена.
Ремдесивир не е ултимативен лек – но донекаде го скратува лекувањето
Лекарите ремдесивир го гледаат како олеснување за пациентите, но не и како ултимативен лек за Ковид-19.
Меѓународна студија со повеќе од 1.000 учесници кон крајот на април покажала дека ремдесивир кај коронавирусот може да го скрати лекувањето – во просек – за четири дена, од 15 на 11 дена.
Пациентите со тежок облик на Ковид-19, кои сочинувале околу 90 отсто од пациентите во клиничката студија – биле излекувани за 12 дена во однос на 18 дена без тој лек.
Овој ефект, меѓутоа, не е забележан кај благ до умерен тек на болеста: закрепнувањето со ремдесивир и без него траело пет дена.
Исто така, немало разлика кај најтешките пациенти кои почнале да примаат ремдесивир или плацебо, а кои веќе биле на респиратор.
Во Вухан на почетокот од годинава ремдесивир е користен во комбинација со хлорокин, лек против маларија.
Кинески научници во публикација на почетокот од февруари напишале дека е „многу ефикасен“.
Со оглед на тоа што Светската здравствена организација ги прекина испитувањата со хлорокин за лекување на коронавирусот од безбедносни причини, ремдесивир и дексаметазон засега остануваат најперспективните средства за скратување на текот на инфекцијата со вирусот SARS-CoV-2.
Освен тоа, американскиот производител „Гилијад сајенсис“ на својот сајт пишува: „Нашата работа на ремдесивир ни оддалеку не е завршена. Ние продолжуваме да го истражуваме неговиот потенцијал, како што е проценка на дејството во рана фаза од болеста, во амбуланти, во облик на инхалатор и во комбинација со други терапии.“
Конечните извештаи за ремдесивир оваа фирма мора да ги достави до Европската агенција за лекови до крајот на оваа година.
Прво Америка
Американската Влада претходно минатата недела објави дека склучила договор со „Гилијад сајенсис” со кој за САД го обезбедиле целото производство во јули, како и 90 отсто од планираното производство за август и септември.
Меѓутоа, некои други земји, како Велика Британија, која вели дека е добро снабдена, и Германија веќе создадоа резерви. Германскиот министер за здравство Јенс Шпан рече дека Германија е обезбедена за наредните седмици. Во централната сојузна аптека постојат соодветни резерви. Шпан, меѓутоа, бараше производителот на лекот да продолжи да го испорачува лекот и покрај масовното купување од страна на Владата на САД и да обезбеди „Германија и Европа да бидат снабдени со тој лек”.
Комисија на ЕУ исто така преговара со производителот за да обезбеди доволни количини ремдесивир.
Политичарот од ЦДУ Петер Лизе нагласи дека условот за одобрување на ремдесивир во ЕУ бил производителот да го испорача лекот во Европа. Можно решение би било Гилијад да го подели своето знаење со други производители, односно да им продаде лиценци. Гилијад на тој начин би можел многу да заработи, рече Лизе.
Ремдесивир: колку е лекот од Гилијад?
Меѓутоа, покрај меѓународната борба за распределба на лекот и критиките на сметка на фирмата, но и САД, слично се случи и со цената на лекот.
Најскапиот лек на светот од 1 јули е достапен и во Германија: золгенсма – лек против спинална атрофија на мускулите (СМА) кај бебиња и мали деца. Погодено е едно од 10 000 новороденчиња во светот – без лекување живеат во просек од 2 до 5 години, а најчесто умираат од задушување во втората година од животот. Лекот во облик на еднократна инфузија што трае еден саат чини 1,9 милион евра. Досега го добиле 500 деца и се покажал многу успешен.
Каква врска има овој производ на Новартис (Швајцарија) со ремдесивир, кој го произведува Гилијад сајенсис (САД)? Одговорот гласи: двата фармацевтски гиганти на ист начин ги образложуваат цените на своите лекови. Разликата во цената меѓу золгенсма и ремдесивир е огромна – но се аргументира на ист начин: меѓу другото и со заштеда на пари.
Аргументот на Новартис гласи: без лекот золгенсма, лекувањето на спиналната атрофија на мускулите – трае 5 години и чини од 2,5 до 4 милиони евра.
Гилијад сајенсис наведува дека болните од Ковид-19, со лекување со ремдесивир од болница излегуваат во просек 4 дена порано, и имајќи ги предвид трошоците за еден болнички ден за такви пациенти во САД – тоа значи заштеда од 12.000 американски долари по секој пациент во Америка.
Данијел Одеј, генералниот директор на Гилијад сајенсис, во отворено писмо предизвикано од расправата за цените на овој лек наведува дека на големо мнозинство пациенти им се потребни 6 дози ремдесивир за време на петдневно лекување, што вкупно изнесува 2.340 долари (околу 2.000 евра) по пациент.
Цената на една доза инфузија е 390 долари и тоа за САД и сите развиени земји – освен за приватните осигурувања во САД, кои плаќаат 520 долари по инјекција.
– Зад нашата одлука е намерата со поединечни земји да не преговараме за цена. Ја намаливме на ниво што е достапно и за развиени земји со најмала куповна моќ. Оваа цена од 390 долари по доза ќе им биде понудена на сите влади во развиените земји.
Осум евра за една доза?
Анализата на британските истражувачи, цитирана од Шпигел, покажа дека производната цена на една доза на ремдесивир треба да биде околу осум евра. Сосема е нормално дека продажната цена е значително поголема од трошоците за производство, затоа што компаниите вложуваат големи суми во развојот на лекот. Во случајот со ремдесивир, Гилијад сајенсис наведува дека вкупните трошоци се околу една милијарда долари, вклучително и периодот до крајот на оваа година.
Здружението на истражувачки производители на лекови во Германија (ВФА) за Дојче веле вели дека ова е најмалата сума што тие ја издвојуваат за развој на нов лек – обично се инвестираат меѓу една и 1,6 милијарда долари.
Како и да е, факт е дека ремдесивир е нешто како шкарт за Гилијад сајенсис – развиен како лек против ебола што не беше особено ефикасен. Сега му се укажа втора шанса.
Експертот за фармакологија Алеxандер Нујкен од консултантската фирма ЕY истакнува дека успешните производи делумно ги финансираат и неуспешните истражувања и развојот на други производи.
– Компаниите мора да бидат во можност да го наплатат ризикот кој го следи развојот на лекот до конечна дозвола за пазар, пишува Нујкен.
Гилијад сајенсис – наука на Галад
Меѓутоа, изгледа дека употребата на овој лек против корона добро ќе се исплати: во понеделникот, по објавувањето на цената на лекот, цените на акциите на Гилијад сајенсис нагло пораснаа.
Гилијад сајенсис со седиште во Фостер Сити во северна Калифорнија минатата година продаде лекови во вредност од повеќе од 22 милијарди долари и од тоа оствари профит од 5,4 милијарди долари. Низ светот има околу 11.000 вработени. Од март 2019 ја води Данијел Одеј, кој дотогаш беше шеф на Швајцарскиот фармацевтски гигант Рош.
Компанијата во јуни 1987 ја основа еден млад лекар, а од 1988 името го носи според реченицата во Библија: Еремија 8,22 „Зарем нема лек во Галад?”
Од самиот почеток, во 1988 година, во надзорниот одбор на Гилијад сајенсис беше Доналд Рамсфелд, а од 1997 година и негов шеф, сè додека не ја напушти таа позиција во 2001 година за да биде министер за одбрана во администрацијата на Буш. Неговиот удел беше проценет на околу 25 милиони американски долари, но вредноста е секако многу поголема, не само поради ремдесивир изминативе месеци, туку и поради лекот против птичјиот грип, тамилфу, кој во есента 2005 година доведе до остар скок на вредноста на акциите на Гилијад сајенсис.
Компанијата повеќепати беше цел на критики, пред сè поради нереално високите цени на своите лекови. На пример, во 2014 година, лансираше лек против хепатитис Ц. Цена: 700 евра за апче. Лекувањето на еден пациент чинело повеќе од 50.000 евра. Интервенираше Сенатот на САД.
Сепак, следуваа рекордни три години – кога оваа компанија оствари нето-добивка од 44 милијарди долари.
Оттогаш, Гилијад сајенсис имаше лоша репутација за ставање на профитот во прв план, поради проблеми со патенти, како и поради еден свиркач кој со години се суди со Гилијад сајенсис за прикривање нечистотии во активната супстанција за лекот против ХИВ за деца.
Можеби тоа е причината зошто новиот шеф во отворено писмо го истакна следново: „Во земјите во развој, склучивме договори со производители на генерички лекови по значително пониски цени.“ Целта е да на сите земји во светот им се овозможи пристап до лекување Ковид-19.
Ева фарм, производител на генерички лекови, соопшти дека на 25 јуни почна со производство на ремдесивир во Египет по лиценца од Гилјиад сајенсис и дека има право да го дистрибуира во 127 земји. За почеток, прави 500.000 дози месечно по цена од 124 американски долари по парче – повеќе од трипати пониска од цената за богатите земји.
Извор: РТС