Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Поимот артритис опфаќа група на медицински состојби кои ги оштетуваат зглобовите. Се јавува оток, црвенило, болка и вкочанетост кои се влошуваат со тек на време. Може да е зафатен скоро секој зглоб. Различна форма на артритис се јавува кај млади и кај стари. Целта на третманот е да се намалат симптомите и да се подобри квалитетот на живот.
Ризик факториː фамилијарна историја, возраст, пол, гојазност, претходна повреда на зглобот.
Компликацииː отежнато движење, деформитети.
Има многу типови на артритисː Остеортритис, Гихт, Анкилозирачки спондилитис, Ревматоиден артритис, Јувенилен идиопатски, Псоријатичен, Реактивен, Септичен, Лупус артритис.
Остеоартритисот е најчест тип. Предизвкува оштетување, абење, распаѓање на рскавицата, ткиво кое е амортизер на зглобот и кое овозможува движење на злобовите без триење. Ако се оштети коските се тријат една од друга што предизвикува болка и ограничено движење. Остеортритисот го зафаќа целиот зглоб, се оштетува сврзното ткиво кое ги припојува мускулите за коските и го држи зглобот заедно и се воспалува зглобната синовија.
Овој артритис се јавува со “употреба”, со годините, се забрзува ако има повреда или инфекција на зглобот. При гојазност вишокот на килограми врши поголем притсок на рскавицата на колената, таа се стиска меѓу коските, се троши и не останува многу за да го штити зглобот.
Оштетената рскавица предизвикува болка при движење. Се слуша рапав звук на гребење кога оштетените рскавици на површината на коските се тријат една од друга. Има болни деформитети на краевите на коските, особено на прстите и стопалата.
Зглобовите кои ја носат тежината, колена, колкови, стопала, рбет, се најчесто зафатени. Зглобот боли, топол е, отечен и со намален опсег на движење но особата не се чувствува болно и нема замор како при други форми на артритис. Утринската вкочанетост трае помалку од 30 минути.
Ревматоиден артритис е автоимуно заболување каде имунолошкиот систем ги напаѓа зглобовите, синовијалните мембрани стануваат воспалени и отечени. На крај се оштетува рскавицата и коските на зглобот. Се формираат ревматоидни нодули на кожата над зглобови кои се под притисок, малите злобови на прстите на шаките, лакти, петици.
Болеста е многу потешка од остеоартритисот. Обично зафаќа симетрично и повеќе зглобови, карактеристично малите зглобови на шаките, стопалата. Утринската вкочанетост трае неколку часа или цел ден. Има слабост, намален апетит, губиток на тежина.
Гихт – урични кристали се формираат и таложат кога има повеќе урична киселина во телото. Силна болка, оток и црвенило на палецот на стопалото се јавува најчесто ноќе. Нападот е поврзан со консумација на обилна храна, месо и алкохол. Нападот трае од три до десет дена. Помеѓу нападите поминува различно долго време. Со тек на време нападите се јавуваат почесто и траат подолго. Поретко се зафатени глуждовите, лактите, шаките, прстите. Дискомфортот и вкочанетоста траат и после нападот.
Псоријатичен артритис – има воспаление на кожата, псоријаза и на зглобовите, артритис. Само 10-30% од лицата со псоријаза ќе добијат артритис, оток на прстите на рацете и нозете. Некогаш е зафатен само еден зглоб.