Русија се подготвува да ја испорача вакцината против коронавирусот на глобалниот пазар, откако воените здравствени експерти денеска известија дека тестовите извршени врз војници- волонтери биле успешни.
„Не беа забележани компликации или несакани ефекти“, објави рускиот армиски весник Краснаја Звезда.
Русија планира да ги заврши клиничките испитувања до крајот на следниот месец.
За време на викендот, министерот за здравство Михаил Мурашко објави дека Русија се подготвува да ја продава новата вакцина и друга медицинска опрема на глобално ниво.
„Русија е подготвена да го снабдува глобалниот пазар со лекови кои ќе дејствуваат директно на вирусот, вклучително и лекови за терапија на „цитокинска бура”, тестови за вирусот и вакцини“, изјави Мурашко за државната новинска агенција ТАСС.
Инаку, во последните месеци Русија е во трка да развие вакцини што е можно поскоро за лекување на коронавирусот што е можно поефикасно, бидејќи бројот на случаи во земјата се искачи на таков степен што Русија е на третото место во светот, веднаш зад САД и Бразил.