Легендарниот хрватски тенисер Горан Иванишевиќ, актуелен тренер на најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ е позитивен на корона вирус.
Тренерот на Ѓоковиќ денеска потврди дека неговиот трет тест на корона е позитивен.
-За жал, по два негативни теста во последните 10 дена, пред малку ги дознав резултатите од денешниот тест, третиот тест е позитивен на Ковид -19. Се чувствувам добро и немам никакви симтоми. Сакам да ги информирам сите кои биле во контакт со мене дека сум позитивен на Ковид и би ги замолил да ги преземат сите потребни мерки за заштита на себе и своите најблиски. Јас само ја продолжувам претходно започнатата самоизолација. На сите заразени им посакувам што побрзо да се опорават, напиша на социјалните мрежи Горан Иванишевиќ.
Инаку „Адрија тур“, чиј иницијатор и главен организатор е најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ, беше прекинат во неделата, пред финалниот натпревар во тенискиот центар во „Вишњик“ во Задар, откако Бугаринот Григор Димитров на социјалните медиуми објави дека тестот што го поминал во Монте Карло се покажал дека е позитивен на Ковид-19.
После тоа, беа тестирани сите играчи и луѓе кои дојдоа во контакт со заразениот бугарски тенисер, а епилог беше дека Новак Ѓоковиќ и неговата сопруга Јелена се позитивни, како и членот на репрезентацијата на хрватскиот Дејвис куп, Борна Чориќ, тренерот за фитнес на Ѓоковиќ, Марко Паничи, тренерот на Димитров – Кристијан Грох, српскиот тенисер Виктор Троицки и спортската новинарка на ХТВ Мирна Зидариќ.