Голем број медицински лица од внатрешноста на државата заминаа на скопските клиники да помогнат на своите колеги. Еден од нив е и медицинскиот техничар Зоран Пановски од Велес кој за порталот “Дума по телефонски разговор опиша каква е сликата од лице место:
„Ова е потешка битка што најверојатно човекот ја водел во војни. Глетката која содржи петнаесет и повеќе пациенти поврзани на респираторна машина е тешка.
Тоа се беспомошни луѓе на кои очајно им треба нашата помош, брзина, вештина, стручност да се реагира навремено. Да се следи секоја секунда од нивниот здив, колку кислород влегол во нивните бели дробови, дали тоа е доволно и ако не е веднаш со лекарите да се интервенира.
Да ги бодриш да издржат, да не ја вадат маската во момент на криза, да им ја вратиш на уста додека им велиш: Не се предавај, животот е убав за да се откажеш од него!“.
Да им ги бришеш солзите додека ја следиш температурата и гледаш како се покачува, да ги миеш со спирт и да си велиш во себе: Мора да преживее па тој има само 35 години или зошто да не преживее иако има шеесет, седумдесет или осумдесет години.
Таму не се гледа на часовник и дали дошло крај на смената. Многу често сите ние сме како пациентите бидејќи немаме орјентација за време.
Нам не ни е лесно но неспоредливо е со луѓето кои се врзани за кревет, за респиратор, за други медицински апарати, за инфузија. Ние ќе издржиме, само болеста да ја победат што поголем број на граѓани кои ги лекуваме“.
фото: Фејсбук