Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Градната болка се јавува во многу форми, од блага досадна, до силна и неиздржлива, како жарење, палење, може да ирадира кон вратот, вилицата, рамото, лопатката, по рацете.
Има различни причини за градна болка.
Срцеви причини
Иако градната болка често се поврзува со срцевите болести, многу лица со срцеви болести имаат нејасна непријатност во градите која не ја опишуваат како болка. Непријатноста во градите поради срцев проблем се опишува како притисок, пецкање, стегање во градите; болка која зрачи во врат, рамо, грб, долна вилица, раце; болка која трае повеќе од неколку минути, се влошува со активност, исчезнува и пак се јавува, варира по интензитет; краток здив, ладна пот, слабост, вртоглавица, гадење, повраќање.
Срцев удар – поради блокиран проток на крв до срцевиот мускул.
Ангина пекторис – градна болка поради слаб дотур на крв до срцето.
Дисекција на аорта – која може да предизвика руптура.
Перикардитис – воспаление на обвивката околу срцето; убодна, остра, силна болка, се влошува при вдишување и лежење.
Некогаш е тешко да се оддели градна болка од срцето од други типови на градна болка.
Дигестивни причини
Гастро-езофагеален рефлукс, горушица – состојба кога киселините од желудникот се враќаат во хранопроводот. Се јавува болно жарење зад градната коска, непријатен, кисел вкус во устата од желудочната содржина која се враќа. Тегобите се најчесто по оброк, особено ако се легне по јадење.
Проблеми со голтање
Улкус на желудник.
Проблеми со жолчно кесе или панкреас – жолчни камениња или воспаление, болката зрачи кон градите и грбот, лопатката.
Мускуло-скелетни причини
Костохондритис – воспаление на зглобовите на припојот на ребрата со градната коска; болка, оток и осетливост околу ребрата, се влошува со лежење, дишење длабоко, кашлање, кивање.
Истегнат мускул, болни мускули – по повреда на градниот кош или напорно вежбање, хроничен болен синдром, фибромијалгија, се подобрува со одмор.
Повредени, набиени, скршени ребра.
Белодробни причини
Пневмонија или плеуродинија (инфламација на обвивката околу белите дробови) – силна, остра градна болка која се влошува со дишење и кашлање, искашлување, температура.
Белодробна емболија – блокада (тромб) на крвните садови кои носат крв од срцето во белите дробови, остра болка како бодежи, губиток на здив,кашлица, вртоглавица, се влошува со дишење.
Колапс на белите дробови – болката почнува одедаш, трае со часови, асоцирана е со краток здив, се јавува кога воздух навлегува во просторот помеѓу белите дробови и ребрата.
Белодробна хипертензија.
Други причини
Паничен напад, анксиозност – интензивен страв, срцебиење, краток здив, брзо дишење, препотување, краток здив, гарење, вртоглавица, трае 5-20 мин.
Херпес зостер – реактивирање на вирусот на варичела, оди по нервите, околупојасно од грбот и градниот кош се јавув оток на кожа и меурчиња.
Маститис – болка и оток на градата.
Во повеќе случаи градната болка не е поврзана со срцето и не е причина за животно загрозувачка состојба.