Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Брадикардија е срцев ритам побавен од нормално, помалку од 60 отчукувања во минута. Може да е сериозен здравствен проблем, срцето не пумпа доволно крв со кислород низ телото. Некои лица немаат никакви симптоми. Имплантација на песмејкер може да ја корегира брадикардијата и да одржува соодветен срцев ритам.
За некои лица, здрави млади особи и тренирани спортисти, пониска фреквенција од 60 во минута е нормална. За нив брадикардијата не се смета за здравствен проблем.
Причини: оштетување на ткивото на срцето поврзано со стареење, од срцева болест или срцев удар; вродена срцева болест вродена, инфекција на срцевиот мускул (миокардитис), по срцева операција, хипотироидизам, пореметени електролити (особено калиум, калциум), ревматска треска, лупус, лекови.
Симптоми: несвестица (синкопа), вртоглавица, слабост, краток здив, градна болка, конфузност, проблеми со помнењето, брзо заморување при физички напор.
Природниот песмејкер (синусен јазол, нодус) се наоѓа во десната преткомора и го контролира срцевиот ритам произведувајќи електрични импулси кои го започнуваат секое срцево отчукување. Електричните импулси патуваат низ преткоморите предизвикувајќи тие да се контрахираат и да пумпаат крв во вентрикулите. Потоа импулсите стигнуваат до атриовентрикуларниот (АВ) нодус кој ги пренесува до Хисовиот сноп и преку левата и десната гранка во коморите, тие се контрахираат и ја пумпаат крвта. Десната комора пумпа крв сиромашна со кислород во белите дробови, левата комора пумпа крв богата со кислород во циркулацијата низ телото.
Брадикардија настанува кога електричните сигнали се успорени или блокирани.
Синус брадикардија
Брадикардијата често почнува во синусниот нодус поради побавно испуштање на импулси, пауза во испуштањето на импулсите, блокирање на импулсите пред да предизвикаат контракција на преткоморите. Срцевата работа е ритмична со фреквенција 45-60 во минута.
Причини: оштетен синус нодус по срцев удар, хипотиреоза, перикардитис, дефект од раѓање, лекови (бета блокатори), хипоксија, зголемен интракранијален притисок (менингитис, тумори, крварење во мозок).
Срцев блок (атриовентрикуларен блок)
Импулсите од преткоморите се спроведуваат до вентрикулите ирегуларно, фреквенцијата може да е 60 отчукувања но може да е и 30 или 40 во минута. Има неколку степени, прв, втор и трет (комплетен блок).
Причини: миокарден инфаркт, последица од миокардитис (ревматоидна треска), интоксикација со дигиталис , атеросклероза.
Синдром на болен синусен нодус
Се јавува во подоцнежна возраст. Вклучува различни ненормалности на функцијата на јазолот. Може да биде брадикардија (синус брадикардија), синусен застој (импулсите од јазолот не стигнуваат до коморите и се јавува накнаден извор на импулсиво пониските делови). Брадикардијјатахикардија синдром се одликува со брз преткоморен ритам кој се изменува со подолги периоди на бавен срцев ритам.
Ризик фактори за брадикардија: возраст (главен фактор), висок крвен притисок, пушење, злоупотреба на алкохол, употреба на наркотици, психички стрес.
Компликации на брадикардија: нагла срцева смрт (нагла смрт), срцева слабост, чести несвестици.