Новиот сет мерки за кои размислува Владата главно ќе бидат насочени да ја поттикнат приватната потрошувачка за да им се помогне на одредени сектори и индустрии, објави министерката за финансии, Нина Ангеловска, на својот официјален Фејсбук профил.
Таа најавува дека во Владата се размислува за нов сет на мерки, кои главно ќе бидат насочени да ја поттикнат приватната потрошувачка, со цел пред се да им се помогне на одредени сектори и индустрии.
„Се зборува за повеќе мерки, во главно насочени кон: поттикнување на приватната потрошувачка, со акцент на домашната понуда за поттикнување и помагање на одредени сектори и индустрии, како и поддршка на нови процеси и технологии за зголемување на конкурентноста на домашните компании“, напиша на Фејсбук првата финансиерка.
Таа нагласува дека од особено значење за амортизирање на економскиот удар е и подобра реализација на капиталните инвестиции.
„Реализацијата на капитални расходи заклучно април е за 15 отсто повисока од лани, не сметајќи ја реализацијата на Јавното претпријатие за државни патишта, кое исто така има одлична реализација“, вели министерката Ангеловска.