Властите во централноамериканската држава Ел Салвадор ги игнорираа наметнатите мерки за социјална оддалеченост и ги принудија затворениците во затворот Изалко да седат рамо до рамо, пренесува Дејли Меил.
Претседателот Наиб Букеле (38) нареди 24-часовна затворска изолација за членовите на бандата. Букеле рече дека ќе ги испрати водачите на бандите во самица, откако во петокот беа регистрирани 22 убиства во Ел Салвадор.
„Нема контакт со надворешниот свет. Продавниците ќе останат затворени и сите други активности ќе бидат прекинати до понатамошно известување. Водачите на бандите ќе одат во самица“, напиша Букеле на Твитер.
Букеле рече дека изолација и „максимална безбедност“ ќе биде воспоставена бидејќи полицијата испитува 22 убиства. Портпаролот на полицијата изјави дека станува збор за најголем број убиства на затвореници во еден ден од минатиот јуни, месец кога Букеле ја презеде функцијата претседател.
Ел Салвадор се бори со проблемот со моќните улични банди до пред неколку години и имал најголем број убиства по глава на жител во Северна и Јужна Америка.
Инаку, Ел Салвадор воведе некои од најстрогите мерки за борба против ширењето на вирусот корона во Централна Америка. Државата воведе мерки за изолација на национално ниво на 22 март, а кршењето на тие мерки се казнува со затвор.