Новак Ѓоковиќ честопати зборуваше дека Италија му е блиска до срцето, посебно со настапите на Мастерсот во Рим, а беше и добар гостин, кога лани настапи на фестивалот Сан Ремо. Сега Новак премина од зборови на дело.
Имено, првиот рекет донирал „огромни суми“ на болниците Тревиглио-Караваџо и Романо ди Ломбардија, кои се во епицентарот на италијанскиот корона-пекол и се најпогодени од пандемијата.
-Никогаш не би очекувале на нашата сметка да видиме донација од престижно име во светот. Во овие времења многу компании, поединци и асоцијации беа со нас и затоа им благодариме за нивната широкоградост. Но, читајќи ги имињата на донаторите го видовме и името на најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ, што и во вакви тешки моменти не воодушеви – изјави Питер Асемберг, генералниот менаџер на здравствениот центар во Бергамо.
За колкава сума на донација станува збор не се објавува, но италијанските медиуми пишуваат дека прилогот во овие тешки моменти е пристоен.
Инаку, минатата недела Новак ѝ донираше еден милион евра на Србија за респиратори.