Државна видеолотарија донира 11.107.000 денари за јавното здравство со цел да придонесе во напорите за справување со COVID-19.
Десет милиони денари од оваа сума се наменети за Министерството за здравство. Дополнително, 615.000 денари во медицинска опрема и материјали за заштита се определени за децата што боледуваат од малигни заболувања. Донација од 492.000 денари ќе добие и Јавната здравствена установа Специјална болница по гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ – Скопје.
Донација од десет милиони денари за Министерството за здравство
Нашата земја е исправена пред силен предизвик кој напаѓа на глобално ниво. Од овие причини, брзото реагирање во оваа глобална здравствена криза е многу важно. Во вакви услови неопходна е солидарноста. Државна видеолотарија одлучи да биде дел од заедничката координирана акција која се презема за итно справување со здравствените предизвици, предизвикани од вирусот COVID-19.
Нашата компанија донира десет милиони денари кон Министерството за здравство, со цел да придонесе за ефикасност на јавниот здравствен систем во напорите при справување со COVID-19.
Ние препознаваме дека сме дел од ова општество, поради што постојано настојуваме да му помагаме. Ова не е единствената активност која ја презедовме. Дополнително, тимот на Државна видеолотарија обезбеди уште две донации.
Донација од десет илјади евра во медицинска опрема и материјали за заштита на децата кои боледуваат од малигни заболувања
Со донација од 10 илјади евра ќе помогнеме итно да се набави медицинска опрема и материјали за заштита на децата кои боледуваат од малигни заболувања. Тие во ситуација на глобална пандемија од COVID-19 се изложени на голем ризик. Затоа и одлучивме да реагираме брзо, со цел итно да се изврши набавка на дополнителна заштитна опрема за нив и за нивните родители, но и за медицинскиот персонал кој се грижи за овие дечиња.
Државна видеолотарија со донација во вредност од 492.000,00 денари за ЈЗУ Специјална болница по гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“- Скопје
Нашата компанија обезбеди и донација од 492.000 денари за ЈЗУ Специјална болница по гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“- Скопје. Средствата од оваа донација ќе бидат употребени за набавка на пет пулсоксиметри-медицински уреди за новороденчиња.
Солидарни и кон нашите сограѓани и вработени
Знаеме дека и во овие услови има луѓе кои мора да одат на работа, поради што користат јавен превоз. Со цел да придонесеме кон нивна заштита, обезбедивме и средства за дезинфицирање во сите автобуси кои сообраќаат на активните автобуски линии на ЈСП Скопје, како и заштитни маски за возачите.
Државна видеолотарија како одговорна компанија презеде и низа активности и неопходни протоколи со цел да ги заштити и своите вработени од изложеност на Covid-19.