Дел од граѓаните од Битола преку социјалните медиуми го изразија стравот дека нивниот град ќе стане ново жариште на коронавирусот откако македонски државјани вратени со хуманитарни летови беа сместени во државен карантин во градот.
-Ајде браќа сестри сите сложно да ги запалиме хотелите во кои се сместени „џаолите“ , пишуваше во една од објавите.
По ваквиот повик на насилство од одредени граѓани заменик-министерката за внатрешни работи – Славјанка Петровска, извести дека веќе овој случај е пријавен во полицијата.
-Попладнево на социјалната мрежа ФБ беше споделуван пост од лице кое повикува на насилство кон нашите сограѓани кои се наоѓаат во хотелите кои се наменети за државен карантин. Случајот го пријавив и се постапува. Повикот за линч, насилство и говор на омраза не смее и нема да биде толериран, без оглед кон кого е насочен, соопшти Петровска.