“Вонредната состојба не значи дека ќе замре животот на граѓаните. Правата и слободите на граѓаните не се ограничуваат по автоматизам. Денеска се продолжува да функционира исто како и вчера. Нема нови одлуки за ограничување на движењето. За сите нови мерки јавноста ќе бдие информирана на дневна основа“, информираше на прес-конференција техничкиот премиер Оливер Спасовски.
Тој рече дека нема нови рестрикции, освен во Дебар и Центар Жупа, каде што има жариште на епидемијата.
Спасовски ги замоли возрасните и граѓаните кои припаѓаат на ризичната група, да седат дома. Ако имаат потреба од нешто, да се обратат до општините или до Црвениот крст, каде што има волонтери кои ќе им помогнат.
Инаку, утрово не се регистрирани нови заболени пациенти со коронавирус во земјата. Доцна синоќа, во рамките на скринингот, направени се тестови на 22 лица со поширока индикација. Сите 22 теста се негативни на вирусот.
Бројката на заболени со вирусот во земјата е 42 лица. Пациентите се стабилни и кај ниту еден нема влошување на состојбата.