Пејачката Ејми Вајнхаус почина во јули 2011 година, на само 27 години, по долга битка со дрога и алкохол. Почина од труење со алкохол, а според пишувањата на Mirror.uk, вечерта пред смртта ја посетила докторка, на која Ејми ѝ се доверила.
Ејми починала во својата куќа во Камден во северен Лондон. Со години се бореше со зависноста од дрога и алкохол, а кратко пред смртта започнала повторно да се опијанува.
Докторката Кристина Ромет разговарала со Ејми вечерта пред да почине, а за време на истрагата се открило дека пејачката признала дека повторно започнала да пие по долга апстиненција.
Наводно, пејачката ја знаела сериозноста на својата состојба и ладно и рекла да докторката: „Не сакам да умрам“.
Докторката раскажала дека на пејачката ѝ бил препишан лекот Либриум, кој требало да ѝ помогне, полесно да се носи со последиците од одвикнување од алкохолот. Меѓутоа, покрај својата слабост, Ејми одбила било каква психолошка помош, бидејќи се плашела дека тоа лошо ќе влијае на нејзината креативност.
„Таа беше една од најинтелигентните млади жени кои некогаш сум ги сретнала. Беше одлучна дека ќе направи се како што треба, вклучувајќи ја и терапијата. Имаше многу строги погледи на тоа“, рекла докторката на сослушувањето.
Опишувајќи ја состојбата во која била пејачката, ноќта на својата смрт, докторката рекла дека делувала „смирено и како да чувствува некоја вина’. Била „припита, но во состојба за разговор“.
Докторката додала дека Ејми признала дека започнала повторно да пие на 20 јули, само три дена пред да почине. Кога ја прашала дали планира повторно да престане со пиењето, Ејми рекла дека не знае.
„Советите кои ѝ ги давав за време на долгиот период беа во пишана и во говорна форма. Ѝ зборував за сите дејства кои ги има алкохолот како последици, вклучувајќи ја и респираторната депресија и смрт, срцеви проблеми, проблеми со плодноста и црниот дроб“, додала докторката.
На судот било кажано дека Ејми имала 416 милиграми алкохол на 100 милилитри крв, а тоа е многу повеќе од 350 милиграми, што се смета за фатална количина. Полицијата во станот нашла три празни шишиња вотка.
Телото на пејачката го нашол Ендрју Морис, член на обезбедувањето кое живее во куќата, а рекол дека својата последна вечер ја поминала во својата соба, гледајќи телевизија и слушајќи музика. Тој дошол да ја провери во 15 часот следниот ден и видел дека не дише и нема пулс.