АКТЕРОТ ЃОКИЦА ЛУКАРЕВСКИ ЗА БУШТУР: Ми се јавуваше среде ноќ да ми каже колкави парчиња фатил

by Тони Зографски

Претесна беше салата во хотелот „Хилтон“ во Скопје да ги прими сите пријатели, колеги и фанови кои дојдоа да му оддадат почит на легендарниот кошаркар Благоја Георгиевски – Буштур. Беше отворена и книга на жалост, а комеморацијата беше отворена со една минута молчење.

Еден од најблиските пријатели Буштур, актерот Ѓокица Лукаревски се присети на сите нивни дружби.

“Како јас со 160 сантиметри да ја минам целата младост и живот со него. Тоа и самиот се прашувам. Уште од дете беше спортски талентиран, па беше и шампион во пинг-понг на град Скопје, а после изррасна во феноменален кошаркар. Секој ден трчавме во парк, па цел ден му враќав топки за да го допрецизира шутот. Луѓето од кошарката не знаеја да го искористат сиот негов потенцијал, неговиот талент. Но, тој го надмина сето тоа, прифати само да биде дел од Управни одбори. После самиот се повлече, сметајќи дека е отфрлен. После тоа се посвети на риболовот, па неретко ми се јавуваше среде ноќ да ми каже колкави парчиња фатил. Ќе остане дел од мене засекогаш, а ние до крај ќе останеме горди на него“, рече Лукаревски.

“Тешко е да се зборува во вакви моменти. Наместо заедно да ги славиме неговите успеси, сега ќе мораме да го збориме тоа без него. Буштур беше добар човек на добар глас. Ми дојде сликата на нашето запознавање, во Кавадарци кога ме повика да играм за кадетите…спиев во негов дом… Бевме колеги во кошарката и риболовот…, Жал ми е што не отидовме по риба заедно… Се надевам дека сега таму горе дава кошеви и фаќа големи риби“ рече поранешниот кошаркарски репрезентативец Тодор Гечевски.

На комеморацијата присуствуваа сегашни и поранешни спортски легенди, членови на семејството, судии, претставници од АМС, директорот Дарко Каевски, делегација од МОК предводена од претседателот Васил Тупурковски, челниците на КФСМ, генералниот секретар на РФМ, Филип Милошевски, како и првиот човек на ОФМ, Петар Јовановски…

Инаку, Благоја Георгиевски Буштур вчера го загуби животот во трагична сообраќајна несреќа во скопската населба Кисела Вода.

 

останати вести