Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Има повеќе од 80 автоимуни болести, најчести сеː
Дијабетес тип 1 – имунолошкиот систем ги напаѓа и уништува клетките на панкреасот кои произведуваат хормон инсулин што го регулира нивото на глукоза во крвта.
Ревматоиден артритис (РА) – нападнати се зглобовите кои се црвени, топли, отечени, болни. За разлика од дегенеративните болести кај постарите, РА почнува рано, во младоста.
Системски лупус еритематозус (СЛЕ) – прво е опишан како кожна болест, но системската форма е најчеста. Зафаќа многу органи, зглобови, бели дробови, нерви, крвни клетки, бубрези, мозок, срце.
Сјогрен синдром – ги напаѓа жлездите кои обезбедуваат влажност на очите и устата. Главен знак се суви очи и уста но може да се зафатени и кожата и зглобовите. Често е здружен со друга автоимуна болест.
Мултипла склероза – оштетена е миелинската обвивка, заштитен слој кој ги обвиткува нервните клетки. Се успорува преносот на пораките помеѓу мозокот, рбетниот мозок и остатокот од телото. Се јавува вкочанетост, слабост, пореметена координација и равнотежа, проблеми со одењето.
Миастениа гравис – ги зафаќа нервните импулси кои помагаат мозокот да ги контролира мускулите. Комуникација е слаба, сигналите не можат да ги насочат мускулите да се контрахираат. Зафатени се и малите мускули кои контролираат движење на очите, отварање на очните капаци, голтање, движењата на лицето. Мускулната слабост се влошува со активност и се подобрува со одмор.
Псоријаза/псоријатичен артритис – клетките на кожата брзо да се множат. Вишокот на клетки формира воспалени црвени петна, со сребрено-бели луспи на плаката на кожата. Околу 30% од лицата развиваат и псоријатичен артритис.
Автоимун васкулитис – нападнати се крвните садови кои се стеснуваат и низ нив поминува помалку крв. Може да е зафатен било кој орган.
Инфламаторна болест на цревата (ИБД) – термин кој опишува состојби кои предзвикуваат инфламација на слузокожата на зидот на цревата. Секој тип на ова заболување (Кроновата болест, Улцерозен колитис) зафаќа различен дел од дигестивниот тракт. Се јавува абдоминална болка, диареа, ректално крварење, ургентно празнење на цревата, температура, губиток на тежина.
Хашимото тироидитис – најчесто има намалено лачење на тироидни хормони што води до пораст на тежината, слабост, осетливост на ладно, губиток на коса, сува кожа, депресија, гуша.
Гравесова, Базедова болест – тироидната жлезда произведува премногу хормони. Симптомиː немир, иритабилност, срцебиење, слабост, интолеранција на топлина, губиток на тежина, испакнати очи, кршлива коса.
Адисонова болест, адренална инсуфициенција – зафатени се надбубрежните жлезди кои произведуваат хормони кортизол, адреналин и андрогени хормони. Нема доволно хормон кортизол (влијае на тоа како телото ќе ги користи и складира шеќерите) и често нема доволно ни алдостерон (води до губиток на натриум и вишок на калиум во крвта).
Целијакиа – овие лица не толерираат храна која содржи глутен, протеин кој го има во пченица, рж, јачмен. Кога глутенот се најде во тенкото црево, имунолошкиот систем го напаѓа и предизвикува инфламација, диареа, болка во стомакот, подуеност.
Пернициозна анемија – недостасува протеин, интринзик фактор кој се создава во слузокожата на желудникот, потребен за абсорпција на витамин Б12 од храната во тенкото црево. Се јавува анемија и промена на синтезата на ДНА.