Британскиот таблоид „Мирор“ открива дека сопственикот на Челси, Роман Абрамович за малку ќе загинел додека возел велосипед. Настанот се случил пред неколку години на шкотскиот остров Аран, а во главната улога бил поранешниот фудбалер Пет Невин.
Невин кој денеска работи во ПР тимот на Челси, во интервју за радиото Би-Би-Си Шкотска, призна дека додека возел автомобил на островот Аран за малку избегнал судар со Роман Абрамович кој се рекреирал возејќи велосипед. Иако и во тоа време се познавале бидејќи Невин работел во Челси, како последица од претрпениот стрес, Абрамович не го препознал Невин.
– Возев на северната страна на Аран, секој пат кога сум тука, јас со автомобилот го поминувам целиот остров. Веднаш откако поминав еден опасен свиок за малку ќе прегазев човек кој возеше велосипед. Во последен момент излегов од патот бидејќи ако останев на него, сигурно ќе го прегазев велосипедистот.
Кога излегов да видам дали е добро, човекот на велосипед беше никој друг туку Роман Абрамович. Замислете ги само насловите во англиските медиуми, вработен во Челси си го убил газдата. Тој и до денешен ден не знае дека јас сум човекот кој го возеше автомобилот – вели Невин.
Инаки, Пет Невин настапуваше за Челси во периодот од 1983 до 1988 година и одигра околу 200 натпревари за „сините“ на кои постигна 36 голови.