Неверојатната приказна за 38-годишниот жител на едно македонско село веднаш до грчката граница ја откри грчкиот весник “Ефимерида тон Синтактон“.
Имено, човекот од селото Стромница на 26 јануари годинава, бил уапсен во рурален дел во близина на Кукуш, откако нелегално и пеш влегол во Грција, при што, според полицијата, поседувал 827 грама хероин.
Уапсениот, кој веројатно е овчар, уште од првиот момент негирал дека има каква било поврзаност со трговија на дрога, а подоцна од лабораториското испитување било потврдено дека навистина не станува збор за хероин.
Во меѓувреме, грчки обвинител поднесе кривична пријава против човекот, кој продолжил да тврди дека е невин. Тој објасни дека еден од неговите сограѓани во Стромница му дал пакет брашно за да му го даде на пријател во грчкото село Кавалари, веднаш преку границата.
Полициските иследници и обвинителот не биле убедени во тоа, а мажот бил затворен во очекување на судење.
На 6 март 2019 година, во официјален документ, полициската лабораторија во Атина појаснила дека „сомнителниот“ прашок нема никаква врска со дрога. Тестовите покажале дека тоа е навистина 100% чисто брашно.
Документот бил уредно проследен до судските органи, но некако по пат се загубил. Необјасниво, по многу месеци конечно сè беше откриено минатата недела – а апелациониот суд во Солун го ослободи човекот од обвиненијата.
Според весникот, по грешка притворениот човек ќе се жали пред Европскиот суд за човекови права, барајќи отштета од грчката држава.