Д-р Оливер Зографски, ПЗУ „Зографски“ Велес
Вокални нодули или “чворчиња“ се бенигни испакнувања на слободниот раб на гласните жици. Можат да бидат меки или цврсти.
Причина за настанување
Нодулите на гласните жици најчесто се последица на прекумерна и неправилна употреба на гласот. Почесто е професионална болест, се јавува кај пеачи, глумци, учители. Но се јавува и кај луѓе што форсирано и гласно зборуваат, како и кај деца кој постојано се надвикуваат или многу гласно зборуваат. Почесто се гледаат кај жени и деца.
При зборувањето гласните жици се приближуваат една до друга и треперат допирајќи се со своите слободни рабови кои всушност и најсилно вибрираат. Доколку допирањето е посилно и почесто (при долго и гласно зборување) тогаш на предната третина на слободниот раб на гласната жица се создава оток и испакнување, кое со време почнува да оцврснува.
Нодулите може да се јават и акутно, кај вирусен ларингитис во комбинација со гласовно напрегање. Тогаш се меки и при преглед потешко се забележуваат.
Други фактори кои можат да предизвикаат нодули се секако цигарите и редовно користење на алкохол, потоа рефлукс на желудникова содржина, алергии како и хроничен синузитис.
Клиничка слика
Главен симтом е засипнатоста. Иако нодулите се мали израстоци даваат значителна промена и лесно заморување на гласот. Покрај засипнатост, пациентите имаат потреба од често прочистување на гласот и накашлување, а понекогаш може да се јави и лесна болка. Симптомите се долготрајни и како одминува време се потенцираат.
Дијагноза
Се поставува врз основа на анамнеза и ОРЛ преглед, индиректна ларингоскопија или фибер ларингоскопија. Со прегледот се воочуваат мали, овални и мазни чворчиња на слободните рабови н гласните жици. Најчесто промените се симтерични, се јавуваат на двете гласилки.
Лекување
Со обзир на тоа дека најчесто се професионално заболување, вокалните нодули треба да се третираат. Доколку се јават акутно и се меки, одмарање на гласот и говорна терапија се доволни за нивно повлекување. Потребно е редовно внесување течности, понекогаш инхалации со камилица. Ретко се потребни лекови.
Цврстите нодули хирурушки се рашаваат со метода микроларингоскопија со која прецизно се отстрануваат со класична техника или ласерски.