Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Анализата на урината се состои од физички, хемиски и микроскопски тестови. Тестовите откриваат и мерат различни супстанци во урината, продукти од метаболизам, клетки, делови од клетки, бактерии. Анализата на урината ја проверува содржината и концентрацијата на урината. Абнормални резултати може да укажат на болест во нејзин ран стадиум.
Анализа на урината се прави за да се детектира и третира широка палета на пореметувања, како инфекции на уринарниот систем, бубрежни болести, дијабетес. На пример, инфекција на уринарниот ситем ја прави урината матна наместо да е бистра. Зголемено количество на протеини во урината може да е знак за бубрежна болест.
Анализа на урината се прави поради повеќе причини:
– за проверка на општото здравје, како дел од рутинска контрола, проверка во тек на бременост, подготовка пред операција, за време на хоспитализација во болница.
– за дијагноза на медицински состојби, болки во стомак и/или грб, болно и често мокрење, крв во урината.
– за следење, ако е веќе дијагностицирана некоја болест регуларно испитување се прави за следење на текот на болеста и терапијата.
Многу лекови, витамини и додатоци на храната може да влијаат на резултатите од анализата на урината. За најсоодветен резултат најдобро е да се земе среден млаз од утринската урина.
Анализата на урината опфаќаː
- Визуелно испитување – урината е жолта и бистра. Матна урина и непријатен мирис може да се знак за инфекција. Ако има крв, урината може да е со црвена или кафена боја.
- Испитување со трака (dipstick) – тоа е тенка пластична трака со лентички од хемикалии ставени на неа која се става во урината за да детектира абнормалности. Лентите со хемикалии ја менуваат бојата ако има одредени материи во урината или ако нивната количина е над нормалното.
Тест со трака се прави за:
Киселост (pH) – pH го покажува нивото на киселост во урината. Абнормалните нивоа може да укажуваат на пореметувања на уринарнот систем и бубрезите.
Концентрација – мерењето на концентрацијата или специфичната тежина покажува колку се концетрирани честичките во урината. Повисока концентрација често е знак дека не се внесува доволно течност.
Протеини – многу ниско ниво на протеини е нормално. Зголемување на протеините може да е индикатор за болест на уринарниот систем, инекција, дијабетес, бубрежна болест.
Шеќер – нормално нивото на шеќер во урината е толку ниско што не се детектира. Наод на шеќер во урината бара понатамошно испитување за постоење на шеќерна болест.
Кетони – кетони во урината бара дополнителни испитувања за постоење на шеќерна болест.
Билирубин – продукт е на разградба на црвените крвни зрнца (еритроцитите). Нормално се носи со крвта и минува во црниот дроб од каде се отстранува и станува дел од жолката. Билирубин во урината може да е знак за оштетување на црниот дроб.
Доказ за инфекција –нитрити или леукоцитна естераза ако се најдат може да се знак за инфекција на уринарниот тракт.
Крв во урината бара дополнителни иследувања. Може да е знак за инфекција, бубрежна болест, карцином, каменчиња.
- Микроскопско испитување – неколку капки на урина се испитуваат под микроскоп, се идентификуваат и бројат типот на клетки, цилиндри, кристали и други компоненти како бактерии.
Бели крвни зрнца (леукоцити) – зголемен број може да е знак за инфекција.
Црвени крвни зрнца (еритроцити) – може да се знак за бубрежна болест, карциом, каменче.
Бактерии или габички – знак се за инфекција.
Цилиндри – нормално ги нема во урината, се создаваат во каналчињата на бубрезите и го имаат нивниот облик, може да се со различен состав и се знак за бубрежна болест.
Кристали – се формираат од хемикалии во урината, може да се знак за бубрежни каменчиња.
Анализата на урината сама за себе не е доволна за дефинитивна дијагноза. Абнормални резултати укажуваат на потреба од дополнителни иследувања. Ако веќе постои заболување, абнормални наоди може да значат потреба од промена на третманот.