Во три часот по полноќ францускиот претседател, Емануел Макрон со сопругата први влегоа во Нотр Дам да видат дали е спасено вековното богатство.
Спасена е главната конструкција на катедралата и стилските столбови и сводови. Во пожарот целосно се уништени куполата и препознатливиот висок столб кој се издигаше над катедралата, а големата камбана е спасена.
Инаку, францускиот милијардер Франсоа -Анри Пино, сопругот на позната актерка Салма Хајек, соопшти дека неговото семејство ќе даде 100 милиони евра помош за обнова на катедралата.
-Мојот татко и јас одлучивме да одвоиме 100 милиони евра и да учествуваме во реконструкцијата на Нотр-Дам, напиша Пино во соопштението до медиумите.
Пино е прв човек на компанијата Керинг, која е сопственик на познати брендови Гучи и Сен Лорен и претседателот на компанијата која ја поседува познатата аукциска куќа Кристис.
(Фото ЕПА)