Врвот на легендарната катедрала во Париз Нотр Дам заедно со покривот се распадна како резултат на големиот пожар што го зафати куполата и внатрешноста на историската туристичка атракција. Според последните информации, познатата Богородична црква речиси до темел е изгорена, а околу 400 пожарникари сеуште се борат со огнот.
Самиот врв, направен од дрво и покриен со олово, одамна е во лоша состојба бидејќи елементите на конструкцијата што датираат од средината на деветнаесеттиот век се оштетени од климата, загадувањето и времето.
Инаку, градоначалничката на Париз, Ан Идалго, го опиша како „страшен оган“ и ги повика луѓето кои се во близина да ги почитуваат ограничувањата за приближување кои ги поставија противпожарните екипи со цел да се безбедни.
Причината се уште не е позната но, можно е пожарот да е поврзан со реновирањето на катедралата, кое е во тек.